Кога ќе заврши конклавата, кога ќе се издигне белиот чад над Систинската капела, новиот папа, ако не е незгодно да се каже така, треба да се моли и за финансиите, бидејќи годишниот дефицит е околу 83 милиони евра. Минатиот ноември, папата Франциск објави дека „во иднина, поради нерамнотежа“, може да има тешкотии во исплатата на пензиите и на свештенството и на лаиците кои биле или се деловни соработници на Ватикан. Пред десет години, Пензискиот фонд на Светата столица, односно Ватиканската држава, се дознава, претрпел вкупна загуба од 1,5 милијарди евра.
Свесен за проблемот, во ноември 2024 година, папата Франциск ја формираше Комисијата за донации за Светата столица, која требаше да пронајде и да ги охрабри донаторите да му помогнат на Ватикан, бидејќи немаше друго решение и веројатно никогаш нема да има. Пред пет години, тогашниот финансиски директор на Ватикан, Австралиецот Џорџ Пел, во едно интервју изјави дека Ватикан полека се лизга кон банкрот. Светата столица не сака да зборува за своите тешкотии и не е навикната на таков вид транспарентност, па затоа сè што ќе протече, ако изворот е сигурен, е важно. Најновите достапни бројки се од 2022 година, кога кардиналот Пел изјави дека обврските за тековната 2022 година ќе изнесуваат околу 631 милион евра, или повеќе од 930 милиони евра ако се вклучи и Римскиот викаријат.