Во живо, на 22 август на стадионот на АРМ, Ник Кејв беше токму таков каков што си го замислував – вистински уметник во секој можен поглед
Нема да се преправам дека сум страстен обожавател на Ник Кејв ниту дека му ги знам песните на памет. Отсекогаш сум знаела дека е извонреден, но никогаш сум се заинтересирала нешто особено за неговата музика сè додека по игра на случајноста се најдов во Кинотека на фестивалот „Скопје Синема Сити“ во 2022, токму тогаш кога се прикажуваше документарниот филм „Ник Кејв: 20.000 денови на Земјата“.
Инаку, имав карти за сосема друга проекција, но дошло до некаква забуна со програмата и судено беше таа вечер подобро да се запознам со Ник Кејв. Малку е да се каже дека бев фасцинирана од неговата персона. Немав видено покул лик од него. Харизматичен, автентичен, непосреден, забавен и со специфична смисла за хумор. Човек кој не ја изгубил својата емпатија и покрај суровоста на животот. Човек кого тешката судбина не го огорчила, туку го направила уште поранлив и човечен.
Впечатокот што го добив од филмското платно се покажа дека бил точен – во живо, на 22 август на стадионот на АРМ, Ник Кејв беше токму таков каков што си го замислував – вистински уметник во секој можен поглед. Тој на пијано и Колин Гринвуд на бас-гитара – ништо повеќе не беше потребно за да се случи музичка катарза која траеше повеќе од два часа.
Концертот што не бил планиран како дел од нивната турнеја и што обично го изведуваат во концертна сала, со седење и во поинтимна атмосфера, го постигна истиот ефект и на отворено – дури ни навивачките извици на фудбалскиот натпревар во комшии не успеаја да го пробијат меурчето што Ник Кејв го создаде за себе и својата публика таа вечер:
„Мора да правите многу врева, затоа што има фудбалски натпревар подолу“, им се обрати Ник на обожавателите, на што тие воодушевено се обидоа да ги надвикаат навивачите со овации и ракоплескање.
Со оглед на тоа што Ник не беше во придружба на своите The Bad Seeds, песните што ги изведе, како што посочи и самиот тој на почетокот од концертот, беа во нивната најчиста, најоригинална, трепетна форма, а тоа навистина можеше и да се почувствува.
Почнувајќи од Girl in Amber, преку The Mercy Seat па сè до Push the Sky Away, изведбите на Кејв градираа од нежни и суптилни до интензивни и моќни, додека неговата персона на сцената се трансформираше од кревка и чувствителна во остра и одлучна, покажувајќи непогрешлив авторитет со којшто ја обзема публиката и ја вшмука во својот свет.
Поврзани објави
За мене особено емотивен беше моментот во којшто Кејв го сподели најболното парче од своето минато, посочувајќи ја нашата немоќ да ги заштитиме нашите деца.
„Се сеќавам еднаш кога ги гледав моите синови како безгрижно си играат во песокот и одеднаш се растажив. Одеднаш ми стана јасно колку сме неспособни да ги заштитиме нашите деца“, кажа пред да ја отпее медитативната Oh Children.
Музичарот му оддаде почест и на Леонард Коен со Avalanche при што откри како изгледал неговиот прв контакт со песните на овој музички великан и какво влијание извршиле тие врз неговото творештво.
Откако заврши со главниот музички сет, Ник Кејв на најфраерскиот можен начин направи пародија од моментот кога музичарите се преправаат дека концертот завршил и ја напуштаат сцената, иако сите знаеме дека ќе се вратат за 30 секунди. Ник Кејв не само што се врати повторно на сцената туку одржа уште еден цел мини-концерт на огромно задоволство на сите присутни и отпеа уште 8 дополнителни песни меѓу кои се најдоа и Watching Alice, Love Letter и Cosmic Dancer.
Незаборавната вечер не можеше да има поидеална завршница од Into My Arms – момент што ја обедини публиката која хорски пееше на цел глас и истовремено го поврза Ник Кејв со секоја поединечна личност во стадионот на АРМ. Тоа беше едно од оние искуства што ако имаш среќа ќе ги доживееш барем еднаш во животот – чувство на поврзаност, максимална присутност и припадност.
Ова беше многу повеќе од обичен концерт. Ова беше исповед, молитва, поезија и катарза во едно. Сите присутни имавме ретка привилегија да посведочиме дека музиката, кога е искрена, ја надминува секоја бариера. Уште долго откако светлата згаснаа и Ник Кејв го поздрави Скопје со зборовите „ова ми беше омилениот концерт од целата турнеја“, неговата единствена енергија продолжи да вибрира во воздухот. Од тој миг, Скопје веќе не беше исто – барем не за оние што ја почувствуваа магијата на Ник Кејв во живо.
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: Горан Десковски