Почетна ЕкономијаНиколоски: Понудите за 120 електрични автобуси се очекуваат до средината на јули

Николоски: Понудите за 120 електрични автобуси се очекуваат до средината на јули

од nenad
1 минути читај за

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски денеска објави дека е веќе отворен јавниот оглас за набавка на 120 електрични, еколошки автобуси. Во согласност со Законот за јавни набавки, понудите се прибираат во период од 30 дена и се очекува да пристигнат до средината на јули.

Автобусите ќе бидат обезбедени со станици за полнење, како што истакна Николоски. “Предвидено е на два автобуси да има најмалку една станица за полнење, што значи дека целиот систем е добро осмислен.”

Тој изрази надеж за силна конкуренција и поголем број компании кои ќе се пријават на огласот. “Со тоа би ги имале најдобрите и најмодерни автобуси со најдобра цена,” рече Николоски, одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост – Богданци, на кое присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

Од вкупно 120 автобуси, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во Скопје, додека преостанатите 40 ќе бидат распределени на општините кои вршат јавен превоз.

“На тој начин се надевам дека ќе помогнеме не само за побрзо и поефикасно да стигнуваат граѓаните во рамки на општините во кои живеат, но и за заштита на животната средина зашто се работи за целосно електрични автобуси кои треба да намалат голем дел од загадувањето.”

вј/Фото: Принтскрин
Извор: МИА