Почетна ЕкономијаНиколоски: Патната мрежа и превозниците се клучни за бизнисот

Николоски: Патната мрежа и превозниците се клучни за бизнисот

од nenad
3 минути читај за

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешниот состанок со превозниците во Скопје истакна: “Максимално сме отворени, излегуваме во пресрет и даваме поддршка затоа што сте основен двигател на бизнисот.”

Николоски оцени дека е многу позитивен показателот за пораст на секторот Транспорт и логистика во вториот квартал од 6,1 процент во споредба со истиот период од претходната година. Според него, тоа е двојно повеќе од растот на БДП, што покажува дека оваа индустрија бележи развој и сеуште има потенцијал за раст.

Во таа насока, како што рече, се преземаат многу мерки, од начинот на распределба на ЦЕМТ дозволите до начинот на пристап до Министерството, презентирајќи ги плановите за развој на силна патна и железничка мрежа. “Идејата е Македонија да го искористи потенцијалот како природна крстосница на двата паневропски коридори, 8 и 10 и во таа насока да развиеме силна патна и железничка мрежа која ќе ги опслужува овие коридори”, изјави Николоски.

Тој најави дека поголемиот дел од автопатот на Коридорот 10 и обиколницата на Скопје ќе бидат реконструирани во текот на следната година. “Продолжуваме и со изградба на Коридорот 10 д, кој оди од Градско преку Дреново Фариш Прилеп до Битола и вториот граничен премин со Грција до Меџитлија”, додаде Николоски, најавувајќи дека за овие теми ќе разговара утре на средба со неговиот грчки колега.

Николоски информираше и дека активно се гради автопатот од Прилеп до Битола, веќе е отворен експресниот пат Градско Дреново Фариш, а многу брзо ќе биде донесена одлука за изградба на делот од Фариш до Прилеп, што ќе овозможи целосно автопатско или експресно решение на Коридорот 10д. “На Коридор 8 пуштен е патот од Страцин до Крива Паланка, се работи на обиколницата, како и на проширување на ГП „Деве Баир“”, напомена тој. Исто така, на западната страна се работи на автопатот Тетово-Гостивар, Гостивар Букојчани, додека повикот за Букојчани-Кичево завршува на 30 септември, а автопатот Кичево-Охрид постепено се става во функција и пуштени се 34 километри.

Во однос на логистиката, Николоски објави дека следната година ќе започнат активности за изградба на инфраструктура за мултимодуларен јазол во близина на постоечкиот во Трубарево и во продолжение на пресекот кај двата коридора. За поголема сигурност ќе биде воведен интелигентен транспортен систем, а се водат и интензивни разговори со ЕУ за решавање на проблемот со електронската евиденција, од каде се очекуваат позитивни вести.

“Со царината се спроведуваат проекти за нов едношалтерски систем со воведување еден електронски документ за превозниците на граничните премини, за што е при крај тендерот за софтверот”, изјави Николоски. Тој додаде дека се работи и на законска регулатива за пратките од големите логистички компании како Амазон, Тему и Али Баба, која ќе го регулира пазарот и ќе насочи средства кон сите учесници.

На состанокот на превозниците, во организација на Асоцијацијата Макам-транс, беше истакнато дека се преземаат значајни чекори за обезбедување подобри услови за работа во секторот, зачувување на работните места и дигитализација на процесите. За следната година се нарачани 1750 годишни ЕКМТ дозволи за меѓународен превоз на стоки за возила со Еуро 6 стандард, 2016 месечни ЕКМТ дозволи за возила со Еуро 6 стандард, 720 месечни ЕКМТ дозволи за возила со Еуро 5 стандард, 60040 поединечни дозволи, како и 5000 дозволи преку Б – СЕК.

За време на традиционалниот состанок на превозниците се одржа и мини саем, каде членките и соработниците на Макам-транс ги презентираа своите услуги и производи за вршење на дејноста.