Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова вели дека денеска од 11 часот сите приватни матични лекари ќе штрајкуваат затоа што од „Мој Термин“ (управата за електронско здравство) без најава добиле наредба да верификуваат мобилни телефони на пациентите пред да им биде овозможено да ги прегледаат. Системот „Мој термин“ според докторката, утринава не дозволувал да се изврши прегледот на пациентите, дел од кои повраќале, имале грип и други болести – се додека не се изврши автентикација на мобилниот телефонски број на пациентот. -Од 11 до 12 денеска нема да работиме ние приватните доктори специјалисти во знак на револт за оваа реформа што без никаква најава ни ја наложи „Мој Термин“. Не ни е дозволено да прегледуваме туку прво на влегување на пациентот во ординацијата, треба да му го верификуваме мобилниот телефон. Не сме ние телефонски оператори туку доктори и вака нема да работиме. Ми доаѓа пациент кој повраќа, му се врти во главата и јас треба прво да му кажам „чекај да ти го проверам телефонскиот број“? Па се добива повратен смс-код за верификација, па за секој пациент се чекаат 2 минути па дури тогаш можам да издавам упати и да работам. Ова не го прифаќаме и нема да го работиме. Ова е работа на администратори а не на лекари, изјави за „Слободен печат“ доктор Чолакова Дервишова.
Според неа, денеска „Мој термин“ решил да ја тестира оваа нова карактеристика со верификација на телефонските броеви на пациентите. -На 3 март планираат ова да го воведат во системот целосно. Дел од пациентите не носат мобилни телефони. Дел од нив се возрасни, немаат и не знаат да користат мобилни телефони. За трети пациенти, комшиите нивни се јавуваат за нив зашто немаат мобилен. А не може ни упат да се издаде без да се верификува мобилниот телефон. Ова не личи на ништо. Денеска превентивно ќе запреме со работата и нема да работиме додека системот не се врати на старо. Ние сме доктори, доктор треба да лекува а не да изигрува администратор. Ако пациентот не го носи телефонот, може да се лекува сам и не можам да издадам ни упат ни лек да препишам, ни рече таа. Во Министерството за здравство таа веднаш го алармирала заменик министерот кој не бил запознаен со реформата. „Слободен печат“ се обрати до директорот на Управата за електронско здравство „Мој Термин“ Фикрет Шабани, но тој не одговори на нашите телефонски повици и на пораките.