Почетна Убавина и здравје„Не постои јадење што не би ми се допаднало ако е приготвено со љубов“ – Убавина и здравје

„Не постои јадење што не би ми се допаднало ако е приготвено со љубов“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Филип Чаловски денес своето знаење го пренесува преку ФЈ Кулинарското училиште (@fjculinaryconsultants)

Го напуштил корпоративниот свет за да ја почне својата кулинарска приказна, бидејќи не се чувствувал толку исполнето во тој свет колку што се чувствувал кога креирал во кујната. Љубовта кон готвењето го одвела на Факултетот за гастрономија во Охрид, по чие завршување, својот пат го продолжил во повеќе врвни хотели и ресторани низ Македонија и надвор од неа. Неговото богато искуство се состои од работа во национални, медитерански, италијански, азиски ресторани, како и во хотели со 3, 4 и 5 ѕвезди, при што полека се искачувал на кулинарската хиерархија и ја достигнал титулата „главен готвач“. Има соработувано со многу светски познати личности од кулинарскиот свет, како и со готвачи во ресторани со Мишелин ѕвезди.

Храната на Филип Чаловски е смела, разновидна, повеќеслојна и богата. Желбата за креирање нови работи е она што го мотивира во кујната, додека стремежот за перфекција му помага да создава уникатни специјалитети што воодушевуваат со своите бои, ароми и вкусови. Со Филип Чаловски зборувавме за уметноста во готвењето и за мисијата на ФЈ Кулинарското училиште…

Љубов со традиција

Главните виновнички за тоа што го работи Филип денес се мајка му и баба му. Овие две мајсторки во кујната го поттикнале да нурне во готвачите што ги краселе семејните полици за книги:

„Моите детски родендени беа вистински гастрономски рапсодии и за тоа беше 100 отсто заслужна мајка ми Лиде, која и денес не излегува од кујна. Сè беше домашно приготвено – од предјадењата до врвните домашни десерти. Баба ми Светле има 98 години и ги има сите можни книги за готвење што можеа да се купат во Југославија и пошироко, сите најскапи сервиси и кујнски алатки од тоа време, кои ги собирала од разни места низ светот, од Аман до Женева“.

Од јадењата што му предизвикуваат особена носталгија и му враќаат убави спомени од детството, Филип ги издвојува дроб-сармата, грчкото ќофте, домашните пирошки со тартар од домашен мајонез, тавата ориз и, секако, домашните мини-колачи, иако признава дека има уште многу, но тогаш набројувањето би немало крај. Интересно е што неговиот прв обид за готвење завршил неславно и оставил своја трага:

„Кога имав 6-7 години, се обидов да направам омлет или кајгана. Сè уште имам спомен – лузна од врелото масло на левото стапало“, ни призна Филип.

Тајните на занаетот

Модерна изведба на македонски традиционални рецепти, винска едукација, веганска кујна, тајните на приготвувањето суши, денови на француска кујна… Можеби сте забележале повици за вакви обуки на социјалните мрежи – сите тие се во организација на ФЈ Кулинарското училиште, чиј основач е токму Филип Чаловски. На овие обуки учествуваат експерти од различни кулинарски области, а наменети се ентузијасти кои сакаат да ги прошират своите гастрономски знаења и да ги усовршат своите вештини за готвење.

„Мисијата на нашето училиште е да овозможи блиска комуникација меѓу науката и луѓето инволвирани во угостителството. Да креира критичка мисла поткрепена со научни аргументи и на тој начин да поттикне конструктивна промена. Да создава и да доусовршува кадри кои ќе дадат значаен придонес во унапредувањето на гастрономската понуда и гастрономското искуство во Македонија. Да ја развива пасијата кај младите ентузијасти и на вистински менторски начин да им ги открие тајните на занаетот. Но главната и најважна мисија е да создава среќа преку готвењето“, објаснува нашиот соговорник.

Кога станува збор за најчестите грешки што ги прават почетниците во кујната, Филип потенцира дека многумина ја прескокнуваат експертизата во нашата традиционална кујна и сакаат да претеруваат со сервирањето и презентацијата.

Поврзани објави

„Секогаш размислувајте неколку чекори понапред, визуализирајте до најситни детали“, порачува Чаловски.

КУЛИНАРСКИ ПРАШАЛНИК

1. Која странска кујна ви е омилена?

Азиската и кујната од Блискиот Исток.

2. Што мислите за фузијата на повеќе различни кујни?

Мора да имате сериозни кулинарски познавања за да имаат смисла вашите креации.

3. Кои намирници ви се најинтересни за готвење?

Многу ги сакам внатрешните органи и секогаш ми се омилени. Никогаш не престанувам да ги унапредувам јадењата на база на црн дроб, црева, срца, јазици, чкембе и слично.

4. Кој светски готвач најмногу ви се допаѓа?

Најмногу се инспирирам од старата школа, од 1960-тите до 1990-тите, тоа е времето на благосостојба и процут на гастрономијата. Ќе ги споменам Нико Ладенис, Пјер Кофман, Рејмонд Бланк, Бернар Лоазо, Марко Пјер Вајт, Маркус Воринг…

5. Постои ли јадење што никогаш не би го пробале?

Сѐ би пробал, не постои јадење што не би ми се допаднало ако е приготвено со љубов и внимание.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА