Почетна МакедонијаНе помогнаа „замолувањата“ до советниците на ВМРО-ДПМНЕ: Скопје нема да добие нови автобуси

Не помогнаа „замолувањата“ до советниците на ВМРО-ДПМНЕ: Скопје нема да добие нови автобуси

од nenad
5 минути читај за

Table of Contents

Во овој момент ниту во буџетот на Град Скопје ниту со ребалансот не се обезбедени средства за набавка на автобуси. Ваков предлог би имал смисла доколку во буџетот за 2025 година се определат средства и потоа се гласа за одлуката, нагласи претседателот на Советот, Трајко Славески. Ниту од 1 септември ниту во наредната година нема да се подобри состојбата со јавниот превоз во Скопје. Граѓаните и понатаму ќе се мачат со недостиг на автобуси, ќе чекаат долго по станиците, ќе доцнат на работа и на училиште, а проблемите ќе се влошат особено од наредната недела поради воведувањето зимски возен ред.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Градскиот совет повторно не ги гласаа ниту предлогот за давање согласност за склучување договор за имплементација на проектот за брз автобуски превоз ниту одлуката за набавка на нови автобуси. За првиот предлог образложението беше дека проектот за БРТ не бил нивниот концепт кој го понудиле на изборите и дека граѓаните не гласале за тој концепт, кој според нив е лош, го уништува зеленилото, а покрај тоа трасата минува преку главниот цевковод преку кој Скопје се снабдува со вода.

Трајко Славевски / Фото – Слободен печат / Методи Здравев

Не помогнаа ниту објаснувањата од советниците на СДСМ дека станува збор за нов модерен проект, за кој веќе се одобрени средства од Европската банка за обнова и развој, во кои е вкалкулирано и набавка на 60 еколошки автобуси. Советничката Љубица Јанчева ги посети колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека нивниот концепт бил набавка на 250 еколошки автобуси, но дека и за тоа не гласаат две години.

Каде се 250 автобуси, каде е бесплатниот превоз? Само она што ќе ви каже Мицкоски, тоа го гласате – рече Јанева.

Независниот советник Александар Трајановски, пак, ги потсети дека истата партија што не гласа за БРТ, изгласала проект за изградба на булеварот Никола Карев во кој е предвидена траса на БРТ, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Ѓорче Петров изгласаа ДУП во кој е вцртана последната станица за брзиот автобуски превоз.

Предлог-одлуката за набавка на нови автобуси, која во видоизменета форма по вторпат се најде пред советниците, предвидува наместо кредитно задолжување во домашна банка, набавка на автобуси да се врши со средства од буџетот на Град Скопје. Но во одлуката се наведува само дека со неа Град Скопје ја утврдува потребата за набавка на екоавтобуси за што средствата ќе се обезбедат од градскиот буџет и дека градоначалникот на Град Скопје треба да ја спроведе набавката во согласност со Законот за јавните набавки. Нема информации ниту колку автобуси се планира да се купат, колку средства од буџетот годишно ќе се предвидат за таа намена, ниту колку години градот би бил задолжен. Токму на тоа се осврна координаторот на советничката група на СДСМ, Гордан Шутаров.

Денеска утврдуваме потреба за набавка на автобуси, доколку не се изгласа, значи тие што не гласаат, сметаат дека Скопје нема потреба од набавка на нови автобуси. Подржуваме затоа што сакаме да излеземе во пресрет на граѓаните и сакаме да покажеме дека со нашето делување ќе оставиме нешто позитивно зад нас – нагласи Шутаров.

За претседателот на Советот, Трајко Славески, проблематично е што се бара набавка на автобуси со средства од буџетот, иако ниту во буџетот ниту во ребалансот за оваа година не се обезбедени средства за оваа намена.

Во овој момент ниту во буџетот на Град Скопје ниту со ребалансот не се обезбедени средства за набавка на автобуси. Ваков предлог би имал смисла доколку во буџетот за 2025 се определат средства и потоа се гласа за одлуката. Не постои никаква оправданост сега, ова не е делива набавка, ќе набавиме сега еден автобус, па друг. Доколку има определена ставка во буџетот за 2025 не гледам причина да не се гласа за ова. А сега, ова е несериозен предлог – рече Славески.
Даниела Арсовска / Фото – Слободен печат / Методи здравев

На неговиот став реплицираше градоначалничката Данела Арсовска, која посочи дека по 20 месеци во обид да се изгласа кредитно задолжување за набавка на автобуси, по вторпат се нуди предлог за купување автобуси со пари од буџетот и повторно не им одговара на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Побаравте да биде од сопствени средства и сега велите сакате точно да го знаете износот на финансирање. Јас денеска нема да се тргнам од говорница додека не кажете што точно сакате да содржи одлуката и јас сум спремна веднаш да ја измениме, да прифатам амандмани. Сакате од задолжување, сакате во буџетот да се обезбедат, кажете која сума и веднаш ќе пренамениме средства од друга ставка. Ќе работиме 24 часа со службите и сѐ ќе направиме како што сакате. Пред вас денеска имате програми што осум месеци не се гласаат без никаква забелешка. Кажете што не чини за да направиме измени – побара Арсовска.

Славески посочи дека Советот не функционира на таков начин и укажа дека Арсовска може да предложи одлука или да ја повлече, а дека советниците се суверени дали и како ќе гласаат.

Тоа дека сте суверени како советници се поништи кога претседателот на партијата ве замоли да гласате – му одговори Арсовска.

На гласањето не влијаеја ниту апелите од советниците, кои сметаа дека треба да се направи сѐ што е од интерес на граѓаните.

Да ја оставиме политиката настрана и да се обединиме и да ги поддржиме проектите за да им овозможиме редовен превоз на граѓаните. Да ги оставиме настрана инаетите и да им овозможиме подобар живот на граѓаните на Скопје – побара Рустеми Незране од ДУИ.

И покрај дискусиите, расправиите и меѓусебните надмудрувања, за предлогот за набавка на нови автобуси на крајот гласаа 20 советници, од потребните 23 за да се усвои одлуката. На седницата присуствуваше и директорот на ЈСП, Драги Кушовски, од кого Шутаров побара да објасни до каде е поправката на 30 автобуси, кои од почетокот на септември треба да се вклучат во јавниот превоз со кои колку толку треба да се надминат проблемите со кои се соочуваат граѓаните, но според Славески, тоа не било денеска на дневен ред. Па така, скопјани остануваат без информација дали од понеделник во сообраќај ќе се вклучат уште 30 автобуси.