Скопје изминативе денови се соочи со сериозно загадување на воздухот, при што, според податоците од државниот систем за мониторинг, беше надминат дозволениот праг на загадување. Состојбата наложи итна и решителна реакција од надлежните институции, вели градоначалникот на град Скопје, Орце Георгиевски.
Градоначалникот на Скопје порача дека нема да има молк ниту отстапки кога е во прашање здравјето на граѓаните. „Како градоначалник, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух, немав право да не постапам“, истакна тој.
Во изминатите два дена биле спроведени засилени и координирани инспекциски контроли на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица идентификувани како загадувачи, со што, како што се наведува, јасно било покажано дека законот важи за сите, без исклучок.
Од Градот порачуваат дека мерките нема да запрат тука. Напротив, најавено е уште поинтензивно и поодлучно продолжување на контролите, при што секој што ќе го загрози здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без никаква толеранција.
„За здравјето нема компромис – ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца“, се наведува во пораката.
Паралелно со репресивните мерки, Град Скопје објави и сет препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои веќе се применуваат и се јавно достапни за сите граѓани на официјалната веб-страница на Градот.
Воедно, градоначалникот ја поздрави и континуираната заложба на Владата на Република Македонија за подобрување на квалитетот на воздухот. Меѓу мерките што се издвојуваат се Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во градот, како и нови паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух.
Од Град Скопје апелираат борбата за почист воздух да биде заедничка и ги повикуваат сите граѓани да се придржуваат до препораките и мерките, нагласувајќи дека секој поединечен придонес е важен.
„За она што е во наша надлежност, порачувам јасно – ред мора да има, законот ќе се спроведува, а здравјето на скопјани е и ќе остане наш апсолутен приоритет“, се истакнува во соопштението.
Граѓаните се повикуваат да пријават потенцијални загадувачи на електронската адреса: prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk