Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи, рече дека на 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на компаниите кои дотогаш не го платиле данокот на солидарност, кој оваа година беше воведен како еднократен и кризен.Согласно нашиот календар, на 6 ноември ќе ги доставиме опомените. Доколку и по тоа нема направено уплата, на 24 ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки, рече Лукаревска.
Директорката на УЈП нагласи дека една компанија може да го одложи плаќањето до крајот на годината, но со банкарска гаранција или со залог на движен и недвижен имот.
До сега биле собрани 2,21 милијарди денари од данокот на солидарност, или околу 36 милиони евра, но 50-тина компании, од вкупно 150 обврзници, сѐ уште го немале подмирено.
257 милиони денари бил најголемиот поединечен износ платен за данок за солидарност, а Лукаревска додаде дека меѓу оние кои немаат платено имало и јавни претпријатија.