Почетна ЕкономијаМуцунски со македонската дијаспора во Швајцарија

Муцунски со македонската дијаспора во Швајцарија

од nenad
1 минути читај за

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој е во повеќедневна официјална посета на Швајцарија, вчера вечерта во Женева оствари средба со претставници на македонската дијаспора.

“Посебна чест ми беше, на првиот ден од работната посета на Женева, заедно со бројната македонска дијаспора, да го одбележиме Денот на независноста – 8 Септември,” изјави Муцунски.

Во своето обраќање, министерот го потенцираше значењето на македонската дијаспора како спојка помеѓу двете држави – иницијатор за потесни културни и економски релации, но исто така и како заштитник на идентитетот и вредностите на нашата држава. “Изразив благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската заедница во Швајцарија и ја потврдив решеноста на Владата, институционално и преку конкретни мерки, да ја унапреди врската со Македонците ширум светот,” објави Муцунски на Фејсбук.

За време на својот престој во Швајцарија, шефот на дипломатијата ќе учествува и ќе се обрати на Самитот на млади лидери, во организација на Светскиот економски форум, кој се одржува во Женева.

Исто така, Муцунски ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија во Женева, а планирани се и билатерални средби со генералниот директор на Светската трговска организација, со заменикот висок комесар за човекови права, со директорот на Женевскиот центар за безбедносни политики, како и со специјалниот известувач за малцински прашања при Советот за човекови права на Обединетите Нации.

са/Фото: Муцунски ФБ.
Извор: МИА