Процесот на приклучување кон Европската Унија треба да биде заштитен од билатерални блокади и ревизионистички толкувања, а клучно е воспоставување на ефикасни европски механизми за имплементација и надзор на европските норми и стручност, особено во сферата на историските и билатерални прашања. Ова е со цел да се гарантира праведност и предвидливост на патот кон членството, нагласи министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на средбата во Берлин со неговиот германски колега, Гинтер Крихбаум.
Како што извести Министерството за европски прашања (МЕП), во тој контекст беше нагласена важноста од зајакнување на европските инструменти за контрола, како гаранција за кредибилитетот на евроинтегративниот процес.
Муртезани му честиташе на министерот Крихбаум за неговото неодамнешно назначување, посакувајќи му успех кој “ќе се рефлектира позитивно не само на Германија, туку и на Европа и Западен Балкан.”
Тој, исто така, изрази благодарност за континуираната германска поддршка и пријателство, потенцирајќи ја клучната улога на Германија во процесот на европска интеграција на Северна Македонија, посебно за принципиелниот пристап на Берлин во заштитата на европските вредности и одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.
“Во фокусот на разговорите биле и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати,” стои во соопштението на Министерството.
Муртезани подвлече дека европскиот проект не може да биде комплетен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европските вредности се предуслов за напредок, но и дека Унијата мора истовремено да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.
Тој ја поздрави и германската поддршка за постепена интеграција на земјите-кандидати во ЕУ, со запазување на критериумите и европските стандарди, но и со обезбедување конкретни придобивки за граѓаните уште во текот на пристапниот процес.
Муртезани и Крихбаум разговарале и за тековната Реформска агенда на Северна Македонија и за улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни Твининг и Таекс проекти каде Германија често е водечки партнер.
Беше потенцирана важноста на споделувањето на германското искуство за спроведување на европското законодавство (acquis) и за унапредување на институционалните капацитети на Северна Македонија за користење на европските фондови и имплементација на реформите.
Соговорниците размениле мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар.
Од МЕП додаваат дека беа истакнати придобивките од конкретните иницијативи и договори постигнати во рамки на Берлинскиот процес, кои го унапредуваат европскиот дух и поврзаноста на регионот со Унијата.
Во текот на средбата беа разгледани и можностите за продлабочување на партнерството во иднина, преку интензивирање на соработката во клучните сектори, пренос на европско знаење и експертиза, како и преку заеднички проекти насочени кон подобрување на животот на граѓаните и приближување кон европските стандарди.
нд/са/Фото: МЕП.
Извор: МИА