Почетна ЕкономијаМОН, со поддршка од „Македонски Телеком“, етапно ќе ги воведе дигиталните свидетелства

МОН, со поддршка од „Македонски Телеком“, етапно ќе ги воведе дигиталните свидетелства

од nenad
2 минути читај за

Учениците од прво до трето одделение, освен досегашните хартиени документи, на крајот од оваа учебна година ќе добијат и електронски сведоштва. Оваа новина е соопштена од страна на Министерството за образование и наука (МОН).

Овој проект е поддржан од страна на „Македонски Телеком“ и, според наводите од МОН, претставува резултат од стремежот за дигитализација на образованието и важен чекор во насока на модернизација на услугите во сферата на образованието во земјава.

“Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време.”

Министерката Весна Јаневска, при посетата на „Македонски Телеком“, истакна: “Продолжуваме да ја дигитализираме образовната сфера. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување на права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високо образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства, се отвора можност за остварување и на оваа цел.”

МОН ја информира јавноста дека „Македонски Телеком“ обезбеди електронски потписи за сите 368 основни училишта во државата, со што ќе се овозможи поедноставна, побрза и поефикасна постапка за издавање на дигиталните свидетелства.

Горан Марковиќ, генерален директор на „Македонски Телеком“, потенцираше дека дигитализацијата на образованието е една од најзначајните инвестиции во иднината на земјата.

“Денешните ученици се генерации што ќе живеат, учат и работат во целосно дигитален свет и затоа е важно да создадеме современ, ефикасен и достапен образовен систем. Како лидер во дигиталната трансформација, „Македонски Телеком“ има одговорност активно да ги поддржува процесите што носат долгорочни придобивки за општеството. Со обезбедувањето електронски потписи за сите основни училишта, придонесуваме кон побрза, по едноставна и поефикасна дигитализација на образованието и остануваме силен партнер на институциите во создавање модерни услуги за младите генерации,” рече Марковиќ.

Од МОН посочуваат дека со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива.

“Секое дигитално свидетелство останува во трајна електронска архива и по потреба и на барање на ученик или неговото семејство, може да биде отпечатено од страна на училиштето. Во следните години дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија,” информира Министерството за образование и наука.

Фото: Министерство за образование и наука, Извор: МИА