Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека се подготвуваат три нови законски решенија со кои на студентите ќе им се обезбедат современи студиски програми и подобрена практична обука, со цел полесно да се вработат. Таа го изјави ова одговарајќи на прашање од новинар, зошто македонските студенти се одлучуваат да студираат во Словенија.
Јаневска напомена дека во Словенија моментално студираат околу 2.000 студенти од Македонија. “Затоа што Словенија е членка на Европската унија и затоа со тој потег сметаат дека им се отворени вратите во светот”, објасни таа.
Министерката подвлече дека промената на студиските програми е неопходна и дека веќе се разговара со државните универзитети во земјата за воведување на програми кои се релевантни и кои ќе им овозможат на студентите работни позиции на пазарот на трудот. “Бидејќи веќе дискутираме на таа тема со новиот Закон за високо образование, за новиот Закон за АКВО, за новиот Закон за научно-истражување”, додаде Јаневска, изразувајќи надеж дека овој проблем ќе биде надминат.
Таа истакна дека се планира и зголемување на практичната настава за студентите за време на студирањето, што ќе создаде соодветни услови за да сметаат дека и во Македонија можат да ги стекнат истите знаења, вештини и компетенции како во Словенија или во друга земја членка на ЕУ.
Јаневска посочи дека има повеќе причини зошто младите заминуваат да студираат во странство, а една од нив е и целокупната општествена клима. “Долги години наназад, постојано се промовира дека оваа земја не е добра, дека овде се случува и реално се случуваа социолошки, општествени негативни феномени, кои децата, кога ние мислиме дека не се свесни, сепак се сосема свесни”, рече таа.
“Треба промена на целокупниот општествен систем, со почитување на право, правда. Со почитување на закони, со намалување на минимум на корупција, криминал за да тие ја вратат довербата во сопствената држава”, заклучи Јаневска.
Таа забележа дека патриотизмот долго време се сметал за негативна особина во општеството. “Па тоа секако влијаеше на децата, не сме посветиле доволно внимание ниту на тоа”, додаде таа. “Дополнително во помалите возрасти го пропуштивме процесот на воспитување, процесот на однесување, процесот на почитување на државата, процесот на чувствување на државата, како своја”, истакна Јаневска.
Таа, исто така, нагласи дека во изминатите години се запоставени и процесите на интегритет на децата и наставниците.