Почетна Убавина и здравјеМонструозна трансформација на Деми Мур во новиот брутален хорор-филм! – Убавина и здравје

Монструозна трансформација на Деми Мур во новиот брутален хорор-филм! – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Деми Мур (61) повеќепати има докажано дека годините ништо не ѝ можат, но во филмот „Супстанција“ таа е непрепознатлива

Само вистинските љубители на жанрот телесен хорор успеаја да го изгледаат филмот „Супстанција“ (The Substance 2024) без ниту еднаш да го тргнат погледот од екранот. Брутално, крваво и богато со специфичен црн хумор, второто долгометражно остварување на француската режисерка и сценаристка Корали Фаржо, по „Одмазда“ во 2017, прво ја згрози публиката на годинешниот Кански филмски фестивал, а сега ги шокира и македонските гледачи во паркот во „Кинотека“, во рамките на 23. издание на „Синедејс“.

Филмот ја следи приказната на Елизабет Спаркл (Деми Мур), телевизиска ѕвезда чиј блесок полека згаснува како што згаснува и нејзината младост. Очајна да го победи времето и да си докаже себеси дека е незаменлива, 50-годишната Елизабет посегнува по сомнителна дрога – супстанција што може привремено да креира нејзина подобрена верзија: помлада, поубава и посовршена. Сè што треба да направи е внимателно да ги следи инструкциите. Што би можело да тргне наопаку? Па, многу работи.

„Супстанција“ сурово допира до суштината на цело купче вистини со кои одбегнуваме да се соочиме. Потрагата по вечна младост е централната точка на дејството околу која ротираат и многу други современи проблеми. Притисокот на сексистичкото општество кое пропагира дека „убавите девојки секогаш мора да бидат насмеани“ е претставен преку Харви (Денис Квејд), сопственик на телевизијата што ја отпушта Елизабет поради нејзината возраст. Крупните кадри од неговите грозни, пожолтени заби додека несмасно јаде ракчиња или пуши пура, дополнително ја нагласуваат веродостојната глума на Квејд, кој вешто го доловува ликот на одвратен мизогинист скриен зад маската на успехот. Актерката Маргарет Квали е уверлива во улогата на Су, усовршената млада верзија на Елизабет и симбол на немилосрдната младост, која е фокусирана само на себе и нема ни грам емпатија. Таа укажува на последиците што можат да произлезат од негрижата за себе, како и на идејата дека секој си е својот најголем непријател.

Режисерката паметно ја одбрала актерската екипа за да ги прикаже своите гротескни карактери, а најпаметната одлука несомнено е таа главната улога да ѝ припадне на Деми Мур. Нејзината бестрашна преобразба на екранот е повеќе од впечатлива. Во период од 140 минути, ја гледаме 61-годишната актерка како од зрела, атрактивна жена се претвора во несигурна, пропадната ѕвезда, за полека да ескалира во психички нестабилна „вештерка“, која невротично меша микстури во својот „котел“, со цел да си го оттргне вниманието од вистинскиот проблем и да го одбегне прифаќањето на реалноста. Нејзината брутална трансформација преминува во монструозна деформација и завршува мошне драматично (и крваво), во стилот на Кроненберг и Карпентер, мајсторите на жанрот телесен хорор.

Поврзани објави

Иако генерално е сиромашен со зборови, „Супстанција“ се карактеризира со моќен аудиовизуелен печат. Динамичните крупни кадри се главната алатка со која се претставени вечните контрасти младост-старост и убаво-грдо. Тие, пак, се надополнети со гласни звуци во техно-стил, кои уште повеќе придонесуваат за вознемирувачкиот ефект што режисерката се стреми да го предизвика кај гледачот. Сите овие интензивни дразби несомнено ќе преплават нечии сетилни органи, но не може да се оспори фактот дека се одликуваат со специфичен уметнички израз.

„Супстанција“ не е за оние со слаб стомак. Дел од публиката ќе ужива во оваа научнофантастична драма која сосема (не)очекувано се претвора во гротескна хорор-пародија на денешните изместени општествени вредности, но дел нема да може ни да ја догледа до крај, изреволтирана од крвавото хиперболизирано финале. Во секој случај, повеќето љубители на овој потценет хорор-поджанр ќе се согласат дека филмското остварување на Корали Фаржо сосема заслужено ја има добиено наградата за сценарио на Канскиот филмски фестивал и ќе ја пофалат маестралната глума на Деми Мур, која се покажа во своето можеби најблескаво издание досега.

На годинешното издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ нѐ очекуваат уште скапоцености од Кан. Вечерва можете да ги погледнете италијанскиот „Мој Марчело“ на Кристоф Оноре, како и „Покров“ на веќе споменатиот режисер Дејвид Кроненберг во киното „Фросина“. Фестивалот завршува утре (17.7) со проекцијата на „Неочекувана среќа“ на познатиот Вуди Ален во паркот МКЦ. Разгледајте ја целата програма ТУКА.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: ИНТЕРНЕТ