Почетна ТехнологијаМоже ли Украина да се потпре на Европа? – МАКТЕЛ

Може ли Украина да се потпре на Европа? – МАКТЕЛ

од nenad
4 минути читај за

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се соочува со својот најголем предизвик од почетокот на руската инвазија. По бурниот состанок во Овалната соба со Доналд Трамп, се чини дека ништо што тој зборува не оди добро во Вашингтон. Покрај тоа, САД ја суспендираа воената помош за Украина, што дополнително ја комплицира неговата позиција. Дури и неговиот поранешен сојузник, сенаторот Линдзи Греам, сега му порача дека или треба да си поднесе оставка или да испрати некој со кого може да се работи.

Дали Зеленски треба да му се извини на Трамп?

Ова по сè изгледа како најсигурниот излез од кризата. Имено, украинската Влада веќе покажува подготвеност за соработка со САД, а премиерот Денис Шмигал објави дека Киев е отворен за преговори за потпишување профитабилен договор за минерали со САД, што може повторно да помогне да се врати довербата меѓу Киев и Вашингтон. Претходно Трамп јасно стави до знаење дека Зеленски не е во добра преговарачка позиција, велејќи му:

„Немате добри карти во моментов – ќе ги добиете единствено со нас.“

   

Иако Зеленски веќе беше подготвен да го потпише договорот, средбата во Белата куќа заврши без договор. Сепак, тој адут сè уште не е целосно изгубен, неговиот најблизок советник Андриј Јермак потврди дека разговорите продолжуваат и дека договорот може да биде клучен за враќање на американската поддршка.  Сепак, јасно е дека Трамп очекува повеќе од само потпишување на договорот. Во исто време Зеленски не може да си дозволи јавно понижување со директно извинување, бидејќи тоа може да ја ослаби неговата домашна поддршка. По три години војна, Украинците не се подготвени да капитулираат. Она што е извесно е дека тој можеби ќе може да најде начин дипломатски да го смири Трамп или дури и да прифати прекин на огнот според американски услови, иако тој постојано нагласуваше дека верува дека мирот е сè уште „многу, многу далеку“. Останува клучното прашање, а тоа е ако Зеленски ги исполни барањата на Трамп, дали тоа всушност ќе доведе до враќање на американската воена помош? На оваа дилема украинскиот парламентарец Олександар Мережко предупредува дека суспендирањето на помошта од САД сериозно ја загрозува способноста на Украина да ги брани своите цивили.

Дали оставката е опција за Зеленски или не?

Во меѓувереме Трамп јавно го нарече „нелегитимен“ и „диктатор“, користејќи реторика слична на онаа што ја користеше Владимир Путин. Сепак, Зеленски одговори на ова дека малку е недемократски на Украинците да им кажува некој однадвор кој треба да биде нивен претседател. Иако формално му истече мандатот минатата година, тој остана на функцијата поради воената состојба. Неговата оставка би била огромен подарок за Москва, која се обидува да го отстрани од почетокот на војната. Зеленски би можел да размисли за повлекување само ако Украина за возврат добие гарантирано членство во НАТО, но за тоа Трамп веќе јасно стави до знаење дека таков чекор не доаѓа предвид во овој момент. Значи, опцијата за оставка не е реална, но тоа не значи дека притисокот од Вашингтон нема да расте.

Може ли Украина да се потпре на Европа?

Иако некои украински официјални лица тврдат дека земјата ќе ја продолжи борбата без оглед на американската помош, прекинот на американските испораки во воена помош веќе имаше последици  и беше кажано дека клучните противвоздушни системи и артилериска муниција ќе прекинат да пристигнуваат од САД. Украинскиот пратеник Федир Вениславски проценува дека земјата би можела да издржи уште околу шест месеци без американска помош, но дека само САД можат да им обезбедат софистицирани системи за противвоздушна одбрана и ракети со долг дострел. Премиерот Шмигал нагласува дека Украина веќе произведува една третина од потребното оружје и дека целта е тоа производство да се зголеми на 50%. Од друга страна Европската Унија досега има дадено повеќе помош за Украина отколку САД, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи да се формира одбранбен фонд од 800 милијарди евра, од кој дел ќе биде наменет за Украина. Сепак, и ЕУ и ОК веруваат дека безбедносните гаранции на САД се од суштинско значење за секој остварлив мировен договор. Британскиот премиер Кир Стармер рече дека Европа треба да преземе повеќе од товарот, но дека тоа нема да биде доволно ако САД целосно се повлечат. Дури и украинскиот премиер Денис Шмигал призна дека американските безбедносни гаранции се егзистенцијално важни за Украина и за целиот континент.

Што ќе прави Зеленски?

Ако се обиде да му угоди на Трамп и да го потпише договорот, ризикува да ја загуби домашната поддршка и да ја отвори вратата за понатамошни руски барања. Ако одбие да отстапи, Украина би можела да остане без клучна воена помош, а во исто време да се соочи со зголемени руски напади. Европа покажа подготвеност да помогне, но не може целосно да ја компензира американската поддршка. Во меѓувреме, притисокот од Вашингтон се зголемува. Трамп сака брзо решение, додека Украина не може да си дозволи лош договор. Засега Зеленски се обидува да најде рамнотежа со цел да ја задржи поддршката на Западот, но и довербата на својот народ. Сепак, едно е сигурно, времето не е на негова страна, а во исто време и Трамп не може брзо и лесно да го спроведе договорот за мир на терен во Украина.