Table of Contents
Порано се патуваше за да се видат најпознатите знаменитости, да се посети музеј или да се помине денот на плажа. Денес, за сè поголем број млади патници, доволна причина за купување авионски билет може да биде – еден сендвич, кроасан или парче баклава што ги виделе на TikTok.
Храната станува новиот компас за младите патници, а трендот има и свое име – снекпекинг (snackpacking). Терминот е комбинација од англиските зборови snack – залак и backpacking – патување со ранец.
Наместо маршрутата да ја прават според музеите, историските знаменитости или плажите, тие сè почесто ги избираат дестинациите според она што сакаат да го пробаат.
РЕДОВИ ПРЕД ФУРНИ, НАМЕСТО ПРЕД ЗНАМЕНИТОСТИ
Новата туристичка рутина изгледа сосема поинаку. Наместо фотографија пред позната зграда, на социјалните мрежи се објавува видео од редица пред локалната фурна. Наместо класичен ручек во ресторан, следува прошетка од еден уличен штанд до друг.
Во Фиренца, на пример, одредени сендвичи со ф’стаци можат да привлечат огромно внимание, додека во Париз туристите трагаат по необични, полнети кроасани. Во Истанбул, пак, една од мисиите на љубителите на храната е да ја пронајдат баклавата за која сите зборуваат.
Така, храната станува дел од самата туристичка маршрута. Градот повеќе не се истражува само преку неговите знаменитости – туку и преку неговите вкусови.
ЗОШТО МЛАДИТЕ ГО ОБОЖАВААТ СНЕКПЕКИНГОТ?
Една од причините е и финансиската страна. Со растот на трошоците за живот, долгите вечери во ресторани можат да бидат значителен трошок, особено за младите патници. Уличната храна, пекарите и малите локални продавници овозможуваат во текот на денот да се пробаат повеќе различни специјалитети без голем буџет.
Поврзани објави
Но причината не е само во парите.
Јадењето „на нога“ им овозможува на туристите да почувствуваат дел од секојдневниот живот на градот. Наместо однапред испланиран оброк и строго одредена сатница, тие јадат таму каде што ќе ги однесе прошетката – во пекара во која има ред, на мал уличен штанд или на место кое случајно го откриле.
И токму таа спонтаност е дел од привлечноста.
ТИКТОК ГО ПРЕТВОРИ ПРВИОТ ЗАЛАК ВО ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА
Социјалните мрежи имаат огромна улога во ширењето на овој тренд. TikTok и Instagram создадоа нов вид туристички препораки: наместо „што да посетите во овој град“, прашањето сè почесто е „што мора да пробате?“
Едно кратко видео од пресекот на кроасан, крцкава кора, растопен фил или првиот залак може да биде доволно за некоја мала локална продавница да стане задолжителна станица на туристичката мапа. А токму реакцијата на првиот залак често е главниот момент во видеото.
Така се создава еден необичен круг: некој пробува храна, го снима искуството, видеото станува вирално, а други патници потоа го посетуваат истото место за да го доживеат вкусот што го виделе на екранот. И можеби токму затоа туристичките навики на новата генерација се менуваат пред нашите очи.
За нив, споменот од едно патување не мора да биде само фотографија пред позната знаменитост.
Понекогаш е доволен еден незаборавен залак.
Фото: Unsplash