Најмладите и наставниците сакам да ги советувам две работи. Ова се години кога учите за две исклучително значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија.
Уверен сум дека наставниците ќе ги пренесат на вистински начин и во вистински дух вредностите кои најмладите првачиња треба да ги научат за своето семејство, за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се нарекува татковина, нашата преубава Македонија. Тоа што првачињата ќе го научат сега, ќе го практикуваат целиот свој живот.
Ова е пораката што по повод почетокот на новата учебна година до првачињата ја упати премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска го посетија ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода.
“Уште еднаш ви посакувам среќни првооделенски училишни часови и денови, но исто така и на сите ученици коишто денес го започнуваат првиот училишен час им посакувам нека им е среќна и успешна учебната година. Ви благодарам и Бог да ни ја благослови Македонија!”, истакна премиерот Мицкоски. Тој упати пораки за кои смета дека се важни за него, но и за сите нас како генерација.
“Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше. Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината”, рече премиерот.
Тој изрази задоволство што за првпат после 7-8 години, учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците по странски јазици, англиски, германски и француски, нешто што е од голема важност за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.
“Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам и на министерката за сето тоа што го направи изминативе 15 месеци за да можеме денес да зборуваме за ова што го зборуваме бидејќи знам колку часови состаноци сме имале поминати во организација за да можеме денес да го постигнеме ова и знам уште колку многу часови состаноци, организација ни се потребни за да го достигнеме нивото коешто стремиме и нивото коешто е потребно за нашите најмлади”, рече македонскиот премиер.
Тој му се заблагодари и на градоначалникот на општина Кисела Вода, за кој, како што истакна, знае што прави за оваа општина да го добие ликот што го има денес. “Знам, додаде Мицкоски, колку е тој сè уште амбициозен и сè уште има големи планови, не само за Кисела Вода и за Скопје и убеден сум дека во годините коишто следат тој заедно со својот тим ќе ги реализираат.”
сст/бд/Фото: Влада .
Извор: МИА