Премиерот Христијан Мицкоски денес на прес-конференција информираше дека е разрешено прашањето за надоместоците на вработените во Инспекторатот за албански јазик и дека ќе бидат формирани унифицирани контроли (One Stop Shop) на граничните премини за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) и Прешево (Република Србија).
“Тоа се две убави работи за македонските граѓани кои денеска се случија.” – изјави премиерот.
Тој додаде: “Првата е што помина „One Stop Shop“ со Србија и со Косово и сега на северната граница не очекувам да има толкав метеж како што беше досега. Десет милиони патници овој период поминуваат низ територијата на државата, дел одат во други земји и на годишни одмори. Конечно по толку месеци се реши прашањето за луѓето и за платата на луѓето во Инспекторат за албански јазик”. Ова беше неговиот одговор на новинарско прашање.
Македонското Собрание денеска, во рамките на 55-тата седница, го усвои Законот за ратификација на Листата за измена на Листата на специфични обврски и Дисциплини за домашна регулатива во услугите и Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничните премини за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) и Прешево (Република Србија).
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека граѓаните секојдневно го забележуваат отворањето на “One Stop Shop” на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан и најави дека на 5 јули 2025 година планирано е отворање и на ГП Табановце.
Тој напомена дека ова е од голема важност и ќе претставува олеснување за дијаспората и за српските државјани, кои, како што рече, патувале и претходно чекале со часови.