Околу 14 милијарди денари или 225 милиони евра ќе бидат наменети за финансирање на 828 проекти во општините кои аплицираа на вториот повик, спроведен од Владата преку Министерството за локална самоуправа.
Најголем дел од предвидените проекти (589) се од доменот на транспортот, за што ќе бидат доделени преку осум милијарди денари. По нив следуваат проекти од областа на животната средина (143), за кои ќе бидат инвестирани повеќе од 2,4 милијарди денари, образованието (48) со вложувања од 1,6 милијарди денари, а има и проекти во културата, спортот и социјалната политика.
“Ова е најголемата инвестициска офанзива за општините, некогаш направена, не само по бројките, туку и по одлучноста и правичноста. Се гради низ цела држава, во сите општини што аплицираа, без партиски филтри, без фаворизирање, онаму каде што има проект, таму има и поддршка,” изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со министерот за локална самоуправа Златко Перински по потпишувањето на договорите во Владата.
Тој потенцираше дека се инвестира во секој град и секое село и дека Владата нема да дозволи ниту еден регион да биде маргинализиран. “На дело ја покажуваме разликата, од политички спинови до бројки и багери. Македонија не е само Скопје, инвестираме подеднакво во секое село и секој град. Ова не се партиски ветувања, ова се 828 конкретни договори. Не зборуваме само за иднината, туку истата ја градиме секој ден. Нема да дозволиме ниту еден регион да остане запоставен. Нема да има граѓани од прв и втор ред,” рече Мицкоски.
Ова е вториот јавен повик за финансирање на проекти во локалните самоуправи. Со првиот повик беа финансирани 288 проекти. “Развојот не смее да биде партиска категорија, туку обврска кон граѓаните.”
Министерството за локална самоуправа, како координатор на процесот за двата јавни повика, е во постојана координација со општините и со ресорните министерства.
“Особено сме горди што над 40 проценти од проектите од првиот јавен повик веќе се завршени, а останатите се во напредна фаза на реализација што е најдобра потврда дека не зборуваме само за планови, туку за реални резултати на терен,” изјави министерот за локална самоуправа Перински, додавајќи дека значаен дел од завршените проекти се имплементирани во малите и рурални општини.
Перински најави засилување на теренските активности во наредниот период со цел следење на реализацијата на проектите за кои се доделени финансиски средства.
“И оние кои сѐ уште се сомневаат во ефектите од двата јавни повика, ќе се уверат во реалните резултати кога ќе заврши реализацијата на сите 1,116 проекти кои се одобрени за финансирање. Работата што нѐ очекува во следниот период е сериозна и бара од нас целосна посветеност,” заклучи Перински.
Извор: МИА