Почетна ЕкономијаМицкоски: Македонската економија бележи еден од највисоките растови во Европа

Мицкоски: Македонската економија бележи еден од највисоките растови во Европа

од nenad
2 минути читај за

Македонската економија продолжува да бележи раст, а Владата смета дека последните економски показатели се потврда дека мерките и политиките што ги спроведува даваат резултати.

Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најновите податоци за економската активност, посочи дека бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2026 година е зголемен за 4,3 проценти. Со тоа, растот во првите шест месеци од годината достигнал околу 3,7 проценти.

Според Мицкоски, ваквото темпо ја позиционира Северна Македонија меѓу европските држави со најдобри економски резултати во првата половина од годината.

„Во второто тримесечје имаме исклучително висока економска активност и зголемен бруто-домашен производ од 4,3 проценти“, изјави премиерот.

Тој посочи дека растот не е ограничен само на еден сегмент од економијата, туку дека позитивни движења се забележуваат и кај индустриското производство, додека инфлацијата, според него, е стабилизирана.

Податоците на кои се повика Мицкоски покажуваат дека македонскиот БДП во првото тримесечје пораснал за 3,1 процент, а во второто тримесечје растот забрзал на 4,3 проценти. Просечната стапка за првата половина од годината, оттука, изнесува околу 3,7 проценти.

Премиерот направи и споредба со економските движења во Европската Унија и еврозоната. Според него, во истиот период ЕУ остварила раст од околу 1,2 проценти, додека еврозоната забележала раст од околу еден процент.

„Имаме еден континуиран раст, во услови кога нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија и земјите од еврозоната, има многу пониски стапки на раст“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на економските резултати од изминатите години. Според неговите податоци, 2024 година завршила со раст на БДП од три проценти, додека во 2025 година економијата пораснала за 3,5 проценти.

Мицкоски оцени дека актуелните резултати треба да се гледаат и во контекст на состојбите во европската економија. Како пример ја посочи Словенија, која во второто тримесечје годинава забележала раст од 4,8 проценти, но истовремено нагласи дека во истиот период претходната година растот во земјата бил само 0,7 проценти.

Според премиерот, пред Северна Македонија на европската листа се наоѓаат Малта, Данска и Словенија, во зависност од периодот и показателот што се споредува.