Почетна ЕкономијаМицкоски: За минимална плата и трошоци, сме подобри од многу земји

Мицкоски: За минимална плата и трошоци, сме подобри од многу земји

од nenad
3 минути читај за

Во споредба со трошоците за живот, Македонија има подобра минимална плата од Португалија, Грција, Црна Гора, Кипар, Малта, Албанија, Србија, Унгарија, Чешка, Бугарија, Латвија, Естонија и други. Ова, како што рече премиерот Христијан Мицкоски, не е негова изјава, туку став на „Фајненс тинк“.

Одговарајќи на прашање од пратеник, Мицкоски потенцираше дека нашата држава се наоѓа некаде на средината, имајќи го предвид највисокото ниво на минимална плата во однос на трошоците за живот, кое е во Германија, и најниското, кое е во Албанија.

„На ЕСС вчера стана збор и за минималната плата. Ако ги тргнеме на страна политичките пораки кои сме навикнати да ги слушаме од еден од синдикатите, доаѓаме до фактот дека според трошоците за живот сведени на минималната плата, Македонија, како што покажува Фајненс тинк, е на средина. Ова е ако се земе предвид најдоброто ниво на минималата плата споредено со трошоците за живот – Германија и најниското – Албанија. Подобри сме од Португалија, Грција, Црна Гора, Кипар, Малта, Албанија, Србија, Унгарија, Чешка, Бугарија, Латвија, Естонија…“, истакна Мицкоски.

Тој исто така се осврна и на поддршката за младите, потсетувајќи дека за првпат Владата овозможи бесплатен пристап до базите на научни списанија за сите студенти и вработени на универзитетите.

„За младите предвидовме проширен опфат за оперативниот план за отворање бизниси и бесплатен пристап до научни списанија како дел од проектите кои се работат. Проширен е опфатот во делот на поддршка на отворање на компании и бизниси за 460 милиони денари. Тоа ќе значи дополнително 200 млади луѓе кои ќе можат да имаа старт-ап компанија, во која ќе може да се самовработат и да водат бизнис во Македонија. Тоа е добро бидејќи ќе ги зачуваме децата дома“, нагласи премиерот.

Тој додаде дека бројот на апликации е зголемен за околу 60 проценти, што укажува на пораст на интересот за оваа мерка.

„Што се однесува до вложувањето кај младите, јас тука ќе дадам фокус и кај студентите, за прв пат оваа Влада обезбеди бесплатно пристап до двете научни бази за научни списанија, за сите научници, без разлика дали се тоа вработени на универзитетите или се студенти. Тие ќе можат да ги следат светските трендови како се развива науката. Тоа се Web of science и Scopus. Цениме дека на овој начин, тоа што беше претходно скапо и ретко кој можеше да го дозволи, сега веќе станува достапно за младите. Ќе можат преку овој тип на бази на врвни светски научни списанија да гледаат како се развива човештвото. Тоа ќе важи нормално и за професорите и асистентите кои подготвуваат магистериуми и докторати“, рече Мицкоски.

Според него, ова треба да им помогне на македонските универзитети да се развиваат и барем еден од нив да се најде меѓу првите 1.000 во светот според Шангајската листа.

„Се зголемија и средствата за наука, за студентскиот оброк, се зголемија средствата за стипендии, а заедно пред некој ден бевме на лице место и можевме да видиме како се гради студентскиот дом „Кузман Јосифоски – Питу“ во Скопје. Наскоро ќе го посетиме и другиот студентски дом „Стив Наумов““, одговори премиерот Мицкоски, дополнувајќи дека се планира и доделување ваучери за електронски уреди за студентите, отворање нови универзитети, нови згради за факултети и слично.

мч/вг/фото: МИА