Почетна ЕкономијаАндоновски: Реална дигитализација – граѓаните брзо, едноставно и електронски ќе добиваат услуги

Андоновски: Реална дигитализација – граѓаните брзо, едноставно и електронски ќе добиваат услуги

од nenad
3 минути читај за

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше во неделно интервју за Радио Слободна Европа, каде дискутираше за конкретните чекори кон целосно електронски услуги, за актуелната состојба во институциите и за спроведувањето на новиот закон за кибер-безбедност.

**Електронски изводи – од „поднесување барање“ до целосно дигитално добивање на финалниот документ.**

Според информациите од Министерството за дигитална трансформација, Андоновски појасни дека досегашното искуство со некои од услугите на Управата за водење на матични книги (УВМК) најверојатно произлегува од тоа што граѓаните биле пренасочувани од националниот портал кон веб-порталот на самата институција. Ова се должело на фактот што УВМК досега самостојно ги објавувала електронските услуги.

– “Претпоставувам дека станува збор за редиректирање од националниот портал за услуги.gov.mk до конкретниот портал на установата Управа за водење на матични книги затоа што таа сама ги публикуваше до сега услугите електронски”, рече Андоновски.

Тој информираше дека Министерството е во процес на промени и дека четирите клучни услуги на УВМК ќе бидат интегрирани на националниот портал. “Во тек сме на промени за четирите услуги коишто ги нуди Управата за водење матични книги, изводот од матична книга на родени, венчани, умрени и слободна брачна состојба”.

Андоновски додаде дека процесот е во завршна фаза. “Веќе сме во фаза на тестирање на услугите, сите тие за многу скоро време ќе бидат пренесени на националниот портал за услуги”.

Министерот дополни дека за секоја од овие услуги граѓаните ќе добиваат и електронска потврда и ќе имаат повеќе опции за подигнување. “За секоја од нив потврдата ќе биде добивана и електронски, а ќе имате можност да изберете да ја добиете на шалтер или да ви биде доставена по пошта”.

Андоновски истакна дека државата нема да примени „присилна дигитализација“ за целото население, но дека примерот со целосно електронско поднесување барање за ваучери за електронски уреди за студенти се покажал како исклучително успешен.

Тој потенцираше: “не сакаме тоа да го направиме за сите граѓани одеднаш затоа што и државата не е доволно подготвена да сите услуги да ги нуди електронски, кога државата ќе ја исполни својата обврска да сите услуги ги нуди во електронски формат, тогаш тоа може да го бараме и од граѓаните.” Министерот заклучи дека мора да се внимава и на дигиталниот јаз меѓу граѓаните.

Говорејќи за имплементацијата на Законот за кибер-безбедност, Андоновски објасни дека законот воспоставува стандарди и протоколи, како и механизми за пријавување инциденти.

Тој нагласи дека законот многу добро ги разграничува надлежностите на двата ЦИРТ-а: „владиниот ЦИРТ е надлежен за органите на државната управа“, додека националниот ЦИРТ опфаќа субјекти надвор од владината управа. Андоновски додаде дека „двата ЦИРТ-а ќе имаат една платформа за меѓусебна соработка“.

За непријавување инциденти, министерот соопшти: „предвидени се прекршочни одредби кои започнуваат од одговорното лице во субјектот па одат нагоре, целта е да се надмине стравот од минатото што кога имало инциденти во сајбер просторот не биле пријавувани па ја чинеле државата многу повеќе“.

Министерот подвлече дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на реална дигитализација, мерлива на терен, услуги што навистина се завршуваат електронски, со јасни стандарди и со засилена заштита на институциите и граѓаните во дигиталниот простор.