Почетна ЕкономијаМицкоски: Железницата се враќа на шините на развојот, започнаа градежните работи за „градскиот воз“

Мицкоски: Железницата се враќа на шините на развојот, започнаа градежните работи за „градскиот воз“

од nenad
2 минути читај за

Започнати се градежни активности за Линијата 1, позната и како градски воз. Финансиската вредност на договорот изнесува 360 милиони денари, а проектот вклучува целосна обнова и модернизација на постоечката железничка пруга.

Според денешните информации од премиерот Христијан Мицкоски, овој зафат ќе резултира со побезбеден, побрз и поефикасен железнички превоз.

Покрај ова, премиерот истакна дека изградбата на брза пруга на Коридор 10 останува еден од клучевите стратешки цели.

„Преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се обезбедени средства за капитални проекти со кои ја поставуваме железницата таму каде што и е местото – како клучна врска помеѓу Балканот и Европа.“

„Ова не се изолирани проекти. Ова е системска обнова на железничкиот сектор, инвестиција во економијата, во екологијата и во европската иднина на државата. Железницата повторно ја враќаме на шините на развојот – со план, со одговорност и со јасна визија за модерна, поврзана и силна Македонија,“ нагласи Мицкоски пред потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР во вредност од 20,9 милиони евра, кој предвидува набавка на електрични локомотиви за ЖРСМ Транспорт.

Според премиерот, железницата мора повторно да преземе улога на двигател на извозот и логистиката, наместо да претставува пречка за економскиот развој.

„Посебно важен е еколошкиот аспект. Со фокусот на електрични локомотиви, се движиме кон нула емисија на загадувачки материи. Ова е директен придонес во борбата против аерозагадувањето, во заштитата на животната средина и во развојот на чист, модерен и одржлив транспорт. Во услови на енергетска транзиција, железничкиот транспорт станува клучен фактор за ефикасен, конкурентен и еколошки одржлив систем. Инвестициите во електрични локомотиви и модерни коридори се целосно усогласени со владините политики за интеграција во европските транспортни мрежи,“ подвлече Мицкоски.

На церемонијата на потпишување на Договорот со ЕБОР, која се одржа во Владата, присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.