Поставеноста на монетарната стратегија на Народната банка има за цел да овозможи континуирано одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања.
Во околности на присутна несигурност, монетарната политика останува претпазлива, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите располагачки инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност.
Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамките на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс“.
Како што информира Кабинетот на гувернерот, Митреска нагласи дека инфлацијата и понатаму се движи околу 4 отсто.
“Инфлацијата забележа значително намалување и се сведе на едноцифрено ниво, како резултат на слабеењето на надворешните ценовни притисоци и спроведувањето на претпазлива монетарна политика, поддржана и со макропрудентните мерки.”
Сепак, инфлацијата и понатаму се движи околу 4 отсто, што е над нејзиниот историски просек и над стапката на инфлација во еврозоната, но е споредлива со просечната инфлација во земјите од Централна и Источна Европа, истакна вицегувернерката Митреска.
Таа нагласи дека ваквите движења укажуваат на постоење заеднички регионални фактори што ја одредуваат инфлациската динамика, меѓу кои се растот на платите и кредитните циклуси, при што процесот на дезинфлација кај нас и во земјите од регионот е подолготраен во споредба со еврозоната.
“Иако беше започнат процес на нормализација на основната каматна стапка, тој запре во февруари минатата година, по што дополнително беше зајакнат претпазливиот монетарен пристап преку инструментот задолжителна резерва и преку примена на макропрудентни мерки, со цел поефикасно утврдување на инфлациските очекувања,” посочи Митреска, нагласувајќи дека Народната банка и понатаму ќе пристапува внимателно при носењето на монетарните одлуки со цел обезбедување одржлива макроекономска и финансиска стабилност.
Се очекува ваквата поставеност да обезбеди понатамошно намалување на домашната инфлација.
Форумот на Централна и Источна Европа претставува еден од најзначајните и најреномираните годишни настани во областа на финансиите, на кој традиционално учествуваат високи претставници на централните банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и меѓународни инвеститори.
мд/са/Фото: Кабинет на гувернерот .