Костадин Костадинов преку објава на социјалните мрежи порача дека е подготвен да одговара за своите одлуки и постапки, истакнувајќи дека тие, како што наведува, биле донесени во согласност со законот и по спроведени процедури.
Во своето обраќање, Костадинов посочува дека подолг период е изложен на јавни објави во кои неговото име се поврзува со сомневања и обвинувања за кои смета дека се неосновани. Според него, постојаното повторување на таквите наводи создава впечаток дека одговорноста е однапред утврдена, без претходно да бидат разгледани неговите аргументи и доказите со кои располага.
Тој наведува дека досега се воздржувал од јавни реакции по препорака на својот правен тим, со цел да ги почитува постапките и институциите. Нагласува дека молчењето не значи дека нема аргументи, туку дека одбраната сака да ја води во рамките на постапките во кои се утврдуваат фактите и се одлучува за евентуална одговорност.
„Својата одбрана ќе ја водам таму каде што се утврдува вистината и се одлучува за одговорноста“, наведува Костадинов во објавата.
Тој упатува апел до медиумите да известуваат точно и одговорно, а до сите учесници во јавниот живот да ја почитуваат неговата личност и презумпцијата на невиност. Според него, критиката е составен дел од демократијата, но однапред изнесените заклучоци за нечива вина можат да ја нарушат довербата во институциите.
„Не барам доверба на збор. Барам простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети“, порачува Костадинов.
Во објавата тој дополнително ја нагласува својата подготвеност да одговара за сопствените постапки, истовремено повикувајќи на доследна примена на владеењето на правото. Притоа, прави споредба со други случаи за кои, како што наведува, јавноста постојано слуша, меѓу кои го споменува и случајот со 50 тони нелегална марихуана.
Костадинов смета дека одговорноста за јавно изнесените тврдења треба да важи за сите, без исклучок. Тој очекува почитување на институциите, но и на неговото право да ги изложи своите аргументи и да добие непристрасна оценка на доказите.
На крајот од обраќањето, Костадинов најавува дека нема да ги остави без институционален одговор постапките за кои смета дека му нанесуваат штета нему и на неговото семејство, вклучително и на неговото новородено дете. Наведува дека ќе бара одговорност од оние за кои смета дека свесно му нанесуваат штета.
Неговите ставови се дел од јавното обраќање на социјалните мрежи, во кое ја истакнува потребата од почитување на правните постапки, презумпцијата на невиност и правото на одбрана.