Пензионерите настојуваат за рамномерно, наместо пропорционално зголемување на пензиите, со цел да се овозможи еднаквост меѓу сите приматели. Тие посочуваат дека оние со повисоко образование, подолг стаж и посложени работни задачи, веќе имаат пресметана поголема основна пензија.
Во овој контекст, тие нагласуваат дека сите разлики треба да се елиминираат, бидејќи по пензионирањето никој веќе не придонесува, а трошоците за живот се зголемуваат исто за сите. Тие ќе се залагаат законски да се уреди линеарното зголемување на пензиите.
Според нив, процентот може да се утврдува според трошоците за живот, но сумата на пари треба да се распределува рамномерно. Не е прифатливо, како што истакнуваат, некој со 90.000 денари пензија да добие 3.000 денари зголемување, додека некој со 20.000 добива 600 денари, кога трошоците за сите се исти.
“Главните параметри за формирање пензија, како што се работен стаж, образование, работно место, сето тоа е опфатено и вградено во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми, постојат пониски, средни и повисоки пензии. Значи, за оние кои реагираат – јас учев, или јас работев долго, јас повеќе одвојував – појаснуваме дека сето тоа е вградено во решението за пензија и тука завршуваат сите разлики. Но, по пензионирањето, ниту еден пензионер не одвојува и не вложува ништо, ниту денар не вложува во фондот, понатаму сите пензионери сме еднакви”, истакна Кирил Јосифовски, претседател на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, кој, како што рече, покрива југозападниот дел на Македонија.
Поради овие аргументи, од Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите на Република Македонија, сметаат дека линеарното зголемување треба да остане правно мерило и тоа ќе го бараат на средбата со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
“Сега на средбата со министерот ќе инсистираме тоа прашање да се уреди со закон, бидејќи Владата има мнозинство да го донесе. Очекуваме и бараме до следното мартовско зголемување ова прашање законски да се уреди и натамошното распределување на пензиите да биде линеарно”, рече Јосифовски.
Трајчо Митев од Штип, претседател на иницијативниот одбор од овој град, потенцира дека на средбата со министерот ќе бараат законското решение да се најде пред Парламентот и пратениците да одлучат какво ќе биде покажувањето – линеарно или процентуално.
Трајче Станојков од Свети Николе вели дека не се против процентуалното усогласување на пензиите, но сакаат масата на пари од буџетот да биде распределена еднакво на сите пензионери.
“Не може 3 отсто да му се даде на оној кој има 90.000 пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној кој едвај дошол до 18 или 20.000 пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок. Какво е тоа усогласување, за некого 600, за некого 3.000 денари?”, рече Станојков.
Тој побара и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, да си поднесе неопозива оставка, бидејќи, како што рече, од почеток е против линеарното покачување, нешто за што се залагаат најголем дел од пензионерите.
По две години во кои сите пензионери добиваа ист износ на покачување, од овој месец повторно се враќа старата формула – пензиите ќе растат процентуално, според движењето на платите и трошоците за живот.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно законскиот механизам, а конечниот процент сè уште се пресметува. Пензиите во Македонија законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Во пресметката, еднакво се земаат предвид растот на просечно исплатената плата и растот на трошоците за живот. Оттука, за разлика од линеарниот модел, при кој секој пензионер добива ист износ, процентуалното усогласување значи дека повисоките пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.
Септемвриското усогласување ќе се однесува на пензиите за септември, кои пензионерите ќе ги добијат во октомври.
Извор: МИА