Почетна ЕкономијаМерц за „брз и едноставен“ трговски договор со САД, Макрон за „избалансиран“

Мерц за „брз и едноставен“ трговски договор со САД, Макрон за „избалансиран“

од nenad
3 минути читај за

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера истакна дека ЕУ треба да постигне „брз и едноставен“ трговски договор со САД, а не „бавен и комплициран“. Оваа изјава доаѓа во време кога францускиот претседател Макрон изрази став дека неговата држава нема да прифати спогодба која е нерамноправна.

Овие изјави беа дадени на крајот од самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, каде што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека го добила најновиот предлог од американската страна во врска со понатамошните разговори за царинските давачки.

„Го добивме најновиот американски документ за понатамошни преговори, кој сега го проучуваме. Подготвени сме за договор, но во исто време се подготвуваме за можноста да не се постигне задоволителен договор“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека Комисијата ќе ги брани европските интереси за време на преговорите и дека сите опции „остануваат на маса“.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп најави тарифи од 50 проценти против ЕУ, кои требаше да стапат на сила на 1 јуни, но одлучи да го одложи рокот за преговори до 9 јули. Во моментов, САД имаат тарифи од 10 проценти за повеќето европски стоки и тарифи од 25 проценти за автомобили, челик и алуминиум.

Со оглед на приближувањето на 9 јули, германскиот канцелар Мерц подвлече дека времето е клучно. „Имаме помалку од две недели до 9 јули, а во тој период не можете да преговарате за софистициран трговски договор“, изјави тој пред новинарите во Брисел.

Мерц исто така посочи дека германските индустрии, како што се хемиската, фармацевтската, инженерската, автомобилската, челичната и алуминиумската индустрија, веќе се обременети со високи тарифи, што претставува ризик за компаниите. Тој додаде дека Фон дер Лајен предложила Европа да формира нова трговска организација која постепено би можела да ја замени Светската трговска организација (СТО), која имаше проблеми со нејзиното ефикасно функционирање во последните години.

Германскиот канцелар рече дека идејата е во почетна фаза, но може да вклучува механизми за решавање на спорови, како што требаше да прави СТО. „Сите знаете дека СТО повеќе не функционира“, додаде тој.

Тој исто така изјави дека лидерите на ЕУ се „во основа обединети“ во желбата што е можно побрзо да го финализираат трговскиот договор со латиноамериканскиот блок Меркосур, додавајќи дека постојат само „мали разлики“ меѓу членките на ЕУ во врска со пактот.

Кога новинарите го прашаа за забелешките на Франција во врска со сегашниот предлог, Мерц рече дека разговарал со францускиот претседател Макрон двапати за ова прашање за време на самитот и почувствувал „голема подготвеност“ за договор.

Сепак, Емануел Макрон имаше поинаков став, наведувајќи дека Франција не може да го прифати договорот во сегашната форма. Кога станува збор за трговскиот договор со САД, Макрон исто така сака тој да биде „брз и прагматичен“, но вели дека неговата земја нема да прифати услови кои би биле неурамнотежени. „Сите алатки мора да се искористат за да се обезбеди фер договор“, им рече Макрон на новинарите по самитот на лидерите на ЕУ.

Ако основната царинска стапка на САД од 10 проценти остане во сила, тогаш одговорот на Европа би морал да има еднакво влијание, верува тој. „Нашата добра волја не треба да се смета за слабост“, рече францускиот претседател. Имено, една од варијантите на „балансираниот одговор“ што ја заговараат француските функционери вклучува воведување дигитален данок за американските технолошки гиганти, како што се Гугл, Мета, X и Епл.

сд/фото:МИА архива
Извор: МИА