Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) објави дека од денес, нивни екипи на терен вршат надзор над компаниите за да проверат дали се усогласуваат со одлуката на Владата. Со оваа одлука, трговците се обврзани да ги спуштат цените на училишните материјали за минимум 10 проценти во големопродажба и 15 проценти во малопродажба, што ќе важи од денес до 15 септември 2025 година.
„Согласно одредбите на Одлуката, правните субјекти се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година, цена која се зема како базична и на која се утврдува намалувањето.“
Понатаму, ДПИ соопшти дека пред влезот во продажниот објект или на друго видливо место мора да биде поставен плакат со формат од најмалку А3, кој јасно ќе го содржи натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и натписот: „ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%“.
Инспекторатот потенцира дека нивните екипи во претстојниот период ќе ги контролираат компаниите на целата територија на државата и ќе дејствуваат во согласност со Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите.
„Апелираме до трговците да се придржуваат до одредбите на владината Одлука.“
Државниот пазарен инспекторат наведува дека казните се движат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на компанијата, а за целосно непочитување на одлуката е предвидена мерка – привремена забрана за работа од 15 дена.