„Беше извршен работен разговор со сите судии што вршат судиска функција. Беа прашани за притисоци, за начинот на функционирање од која било страна. Тие категорично демантираат дека се соочени со какви било притисоци при вршењето на својата работа. Како генерален заклучок е дека при уводот на предметите е констатирано дека нема пропусти од страна на судиите или претседателот на судот. Тие се доделени според АКМИС-системот, почитувани се роковите за дејствата и од нивна страна нема пропусти. Со судиите беше извршен разговор за евентуални притисоци. Сите беа едногласни дека немаат притисоци од надвор и дека својата работа си ја вршат во согласност со законот“, рече членот на Судскиот совет, еден од тројцата што биле на посета во судот, Миљазим Мустафа.
Тие ги проверувале уписниците за предмети од 2020 година до 2023 година. Таму, според нив, немало кривични предмети против Рамиз Мерко. Под лупа биле и предметите против Општина Струга и Меѓународниот универзитет, чиј сопственик е семејството на Мерко. Детаљно не се разгледувале, но од она што се проверило – постапувањето на судиите било законско.