Денеска, во Трансформаторската станица (ТС) Дуброво, беше успешно доставена новата 400/110 киловолтна трансформаторска единица.
Овој значаен проект е дел од сеопфатната програма за надградба, зајакнување и прогрес на електроенергетската инфраструктура на АД МЕПСО.
Од енергетската компанија изјавуваат дека новиот уред значително ќе придонесе кон посигурно и поефикасно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисите во регионот, бидејќи со него ќе се подобрат напонските услови и ќе се зголеми сигурноста на ТС Дуброво. Како што велат, „ТС Дуброво е клучен енергетски јазол во електроенергетскиот систем во земјава, а новиот трансформатор ќе овозможи непречено функционирање на системот во наредните 30-40 години.“
АД МЕПСО објавува дека во следните денови ќе отпочне процесот на инсталација и интеграција на трансформаторот во системот, по што ќе биде ставен во употреба. Дополнително, од МЕПСО истакнуваат дека „оваа инвестиција ќе создаде подобри услови за интеграција на обновливи извори на енергија“.
Трансформаторот, додаваат, е произведен од реномираната компанија Астор од Турција, согласно највисоките технички и безбедносни критериуми. „Со инсталирањето на овој трансформатор, како и на трансформаторот во ТС Битола 2, АД МЕПСО успешно заокружува два стратешки проекти кои се од круцијално значење за стабилизирање на работата на 400 и 110 киловолтно ниво.“
Од АД МЕПСО посочуваат дека „овие инвестиции директно придонесуваат за минимизирање на ризиците од испади и дефекти, како и за зголемување на доверливоста на системот и непречено преземање на електрична енергија од страна на потрошувачите“.