Министерството за внатрешни работи започна постапка за утврдување кој стои зад објавите на социјалните мрежи со кои вчера се ширеа тврдења дека водата за пиење во Скопје е контаминирана со бактеријата Escherichia coli.
Од МВР информираат дека Секторот за компјутерски криминал работи на идентификување на профилите од кои биле објавувани спорните информации. Дел од лицата веќе биле повикани на информативен разговор.
Од полицијата најавуваат дека по завршувањето на проверките јавноста ќе биде дополнително информирана за утврдените факти и понатамошните постапки.
Надлежните ја демантираа информацијата
Тврдењата за наводно загадување на скопската вода вчера предизвикаа голема загриженост кај граѓаните и за кратко време се проширија на повеќе социјални мрежи.
Информациите беа демантирани од Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и Министерството за здравство.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека граѓаните можат безбедно да ја користат водата за пиење и отфрли каква било информација за присуство на Escherichia coli или други опасни бактерии.