Почетна ЕкономијаМаркова Река поплави делови од Студеничани, Кисела Вода и Аеродром; непрооден пат Горно Лисиче – Долно Лисиче и првиот мост во Батинци

Маркова Река поплави делови од Студеничани, Кисела Вода и Аеродром; непрооден пат Горно Лисиче – Долно Лисиче и првиот мост во Батинци

од nenad
1 минути читај за

Поради обилните дождови, во текот на попладневните и вечерните часови забележано е покачување на водостојот на Маркова Река, што резултираше со нејзино излевање преку мостот кај населбата Љубош и по течението низводно. Ова предизвика поплавување на повеќе домови, складишта и индустриски објекти во селата Студеничани, Батинци и делови кон Пинтија.

Како што денес известија од РЦУК – Скопје, пријавено е и поплавување на дел од булеварот „Борис Трајковски“ во близина на населбата Пинтија, каде исто така имаше дојави за поплавени складишта.

Според информациите од лицето за контакт од Општина Студеничани, екипи од општината, заедно со локални фирми, работат на терен. Присутни се и претставници од Општина Кисела Вода.

Во текот на ноќта, на телефонскиот број за итни случаи 112 пристигнаа и повици за поплавени куќи во Горно Лисиче, каде интервенира Општина Аеродром.

“На поплавените места интервенираат и БППЗ на Град Скопје и јавните претпријатија на град Скопје и единици на локална самоуправа”, наведува РЦУК – Скопје.

АМСМ информира дека непроодни се локалниот пат од село Горно Лисиче кон село Долно Лисиче во Општина Аеродром, како и првиот мост во село Батинци, Општина Студеничани.

ЈСП „Скопје“ известува дека поради поплавите од Маркова Река, автобусот со број 70 сообраќа само до почетната/крајна станица Дризла, а автобусот со број 33 се движи преку населба Драчево во двете насоки.

Железници на Северна Македонија известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај од синоќа, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево.