По долготрајна средба со рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, денес соопшти дека постои „добра понуда“ за разговори која украинското водство би требало да ја прифати, ако не сака да ја изгуби целата држава.
„Има добра понуда на маса. Ако Украинците не ја прифатат, ќе го изгубат она што останало. Володимир Александрович (Зеленски) треба да се смири и да запре“, изјави Лукашенко.
Тој потенцираше дека во 2022 година, на самиот почеток на војната, Украина имала можност да го зачува источниот дел од земјата, со исклучок на Крим, но поради одбивањето на спогодба, загубила дополнителни територии.
„Ако сега не застанат, ќе ја изгубат целата Украина“, предупреди тој.
Лукашенко додаде дека предложената иницијатива најпрво била доставена до американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, а потоа испратена до Вашингтон на разгледување.
Белорускиот лидер нагласи дека заедно со Путин го анализирале извештајот на рускиот Генералштаб и заклучиле дека е предизвик да се сопрат руските сили, бидејќи „повеќето поголеми населени места се речиси ослободени“.
ссм/фото: архива
Извор: МИА