Министерот за транспорт, Александар Николоски вели дека мобилните оператори во земјава не направија ништо за да ги подобрат условите – не ги намалија цените, не ги подобрија услугите и не го почитуваат законот.Унгарската компанија 4иГ и официјално изрази интерес за влез на македонскиот пазар што ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. – Унгарската компанија 4иГ денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката.
Се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот, два оператора, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани, ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари – истакна вицепремиерот Николоски во „Само интервју” на Канал 5. Тој потенцираше дека секоја друга компанија може да конкурира, а целта е да се обезбедат поевтини услуги за граѓаните. Николоски образложи дека ваквата одлука следи откако мобилните оператори во земјава не направија ништо во изминатите четири месеци за да ги подобрат условите. – Ниту ги намалија цените, ниту ги подобрија услугите, ниту го почитуваат законот – истакна Николоски.