Table of Contents
Разговаравме со проф. д-р Горица Поповска – Налевска при факултет за психологија, Меѓународен Славјански Универзитет и регионален координатор во здружение на граѓани Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби
Замислете си 11-годишно момче што обожава да плива, да црта, да чита книги, кое никогаш не лаже и не се расправа. Истото тоа момче е и многу тивко, се затвора во својот внатрешен свет и тешко му е да комуницира со своите врсници. Околината честопати не го разбира, мисли дека сака да биде оставено на мира, но тоа е далеку од вистината. Велат дека е со аутистичен спектар и дека затоа е посебно, а момчето само сака да биде прифатено.
По дефиниција, спектарот на аутизмот претставува низа на невроразвојни нарушувања, кои се манифестираат со проблеми во социјалната комуникација и интеракција, со ограничени и повторувачки начини на однесување и активности. Секој случај на аутизам е различен и бројот на лицата со оваа состојба сè повеќе се зголемува, но колку се зголемува и свесноста кај луѓето, како и степенот на инклузија на лицата со атипичен развој?
За жал, нашата земја спаѓа во позатворените општествени системи во однос на перцепцијата и социјалната инклузија на лицата со попреченост. Иако постои закон според кој секое основно училиште мора да вработи личен асистент за децата со атипичен развој, нашиот образовен систем сè уште се соочува со дефицит на стручен кадар од таков тип, а за средните училишта воопшто не постои таков закон. Реформите се неопходни, а на оваа тема поразговаравме со проф. д-р Горица Поповска – Налевска
Од година во година расте бројот на лица со аутизам, но дали расте и свеста за оваа состојба кај народот?
Има премногу предрасуди и бариери со кои лицата со аутизам и нивните семејства секојдневно се борат. Луѓето често се плашат од непознатото, па затоа потребни се едукации за подигнување на јавната свест и одговорност. Ако направам компарација на свесноста на родителите на деца со аутизам и други попречености пред десетина години и сега, можам да потврдам дека свесноста е на многу повисоко ниво. Една од причините за тоа е и работата на невладините организации и здруженија за поддршка на родителите и зајакнување на нивните капацитети како во поглед на нивната ментална благосостојба, така и во однос на информации, совети и обуки околу секојдневното функционирање на детето и семејството. Што побрзо семејството ја прифати состојбата на детето, толку побрзо ќе почне да му помага. Крајната цел е децата со аутизам да не бидат постојано заштитувани, туку да се отстранат бариерите за да функционираат како корисни и задоволни членови на општеството.
Колкав е степенот на инклузија на лицата со аутизам во нашиот образовен систем?
Поврзани објави
Еден од приоритетите во реформите на образовниот систем е создавање инклузивно образование кое ќе биде во функција на ученикот и неговите развојни и образовни потреби. Согласно промената на Законот за основно образование во 2019 година, специјалните училишта и посебните паралелки за ученици со попреченост се трансформираа во основни училишта со ресурсен центар и центри за поддршка на учењето. Членот 19 од Законот предвидува дека за поддршка на учењето на учениците со попреченост основното училиште мора да обезбеди образовен асистент односно личен асистент.
Нерегулираниот проблем со обезбедување образовни асистенти за овие ученици во средното образование, зависи од носењето на новиот Закон за средно образование. Веќе неколку години образовни асистенти се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, но тие ни приближно не го задоволуваат бројот на потребни асистенти. Без соодветна поддршка, децата со атипичен развој нема да успеат лесно да се снајдат во средното училиште. Приспособувањето на училиштата на различностите на учениците е можно единствено ако се направат и длабоки промени во образовниот систем, што подразбира реконструкција на постојната култура, надминување на предрасудите и стереотипите, креирање образовни политики и образовни практики кои одговараат на учениците со посебни потреби, промени во курикулумот, образованието на наставниците, наставната методологија и материјално-техничките услови во училиштата.
Што треба да се направи во нашата држава за да се подигне свеста за потребите на лицата со аутизам?
Учењето е најефикасно во средина во која ученикот се чувствува уважен, почитуван и признат. Оттука се наметнува и предизвикот – како редовните училишта и одделенијата да се развијат на начин кој ќе одговара на образовните и социјалните потреби на секој ученик, и да се оформат во место каде што секој ученик припаѓа, каде што е прифатен и поддржан од соучениците и сите други членови на училишната заедница. Кога учат заедно, децата учат и како да живеат заедно, односно како да се однесуваат кон различностите и надвор од училиштето. На индивидуално ниво, потребно е преиспитување на сопствените ставови, убедувања и начини на размислување во насока на „што можам јас да придонесам како поединец?“. На институционално ниво, треба да се земат предвид релевантните истражувања и добиените резултати на научните работници и професионалци кои работат на ова поле при креирање, имплементација на одредени политики и реформи, но и мерење на постигнувањата во насока на позитивни и/или негативни исходи.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА