Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска истакна дека новата Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година демонстрира дека проширувањето претставува јасен политички и геостратешки приоритет за Европската Унија.
“Многу од нашите земји кандидатки имаат амбиција да ги завршат преговорите во наредните години. Тие се наши најдоверливи партнери и ние ги поддржуваме колку што можеме, а новиот Мултифункционален финансиски план ја одразува таа реалност,” изјави Кос.
Таа потенцираше дека следната буџетска рамка предвидува значително зголемување на средствата за асистенција на земјите кандидати, од сегашните 31 милијарди евра на 42,6 милијарди евра, што е пораст од 37 проценти. “Со поголем буџет можеме дополнително да го забрзаме темпото на реформите и инвестициите, што ги доближуваат земјите до членство во ЕУ,” рече Кос.
Еврокомесарката исто така додаде дека идната финансиска рамка предвидува 100 милијарди евра за поддршка на реформите, обновата и модернизацијата на Украина од 2028 година, како и нејзиното приближување кон ЕУ. “Оние кои мислеа дека европската поддршка ќе се намалува со текот на времето грешеа. Времето не е на страната на Русија,” додаде Кос.
Кос нагласи дека распределбата на овие финансиски средства ќе биде заснована врз принципите на заслуги и имплементација на обврските, особено оние предвидени во реформските агенди.
Таа исто така додаде дека доколку некоја од земјите кандидатки ги заврши преговорите за членство во текот на времетраењето на оваа буџетска рамка, ЕУ ќе склучи пристапен договор со неа, кој ќе ги регулира нејзините обврски кон буџетот на Унијата. “Се на се, овој предлог за Мултилатералниот финансиски план е силна основа за реализација на процесот за проширување,” заклучи Кос.
Еврокомесарката најави дека е планирано да им се овозможи на земјите кандидатки пристап до сите алатки на инструментот “Глобална Европа”, што ќе вклучува не само техничка помош, туку и поддршка за спроведување на реформите и инвестициите, со цел да им се помогне да ја постигнат својата цел. “Сакам да кажам дека проширувањето не ја прави ЕУ само поголема по бројот на квадратни километри и по бројот на луѓе. За мене тоа е многу повеќе. Туку станува збор за обединување на Европа, па затоа со зголемување на поддршката на сите оние кои вложуваат напорна работа за да ги исполнат условите за членство, ние сме на патот да ја обединиме нашата Европа,” додаде Кос.
Одговарајќи на новинарско прашање за напредокот на преговорите со Србија, Кос нагласи дека, согласно договорот постигнат во ноември минатата година, за да се продолжи преговарачкиот процес, земјата треба да усвои нов закон за медиумите, што веќе е направено, да го измени изборното законодавство и да донесе закон за регулаторот за електронски медиуми. Паралелно со ова, според Кос, Србија мора да постигне напредок во почитувањето на основните принципи на владеење на правото, борбата против корупцијата и нормализација на односите со Косово.
Кос исто така изјави дека иако Косово нема статус на кандидат за членство, сепак ќе биде опфатено со поддршката предвидена со новиот буџет, како што е вклучено и во Планот за раст на Западниот Балкан.
Во однос на Турција, еврокомесарката нагласи дека иако таа е земја кандидат, процесот на пристапување со неа е во застој од 2019 година, така што нема да биде опфатена со овие инструменти за поддршка на проширувањето.
Кога станува збор за преговорите со Молдавија и Украина, Кос рече дека ја финализира изработката на извештаите од скрининг процесот и изрази надеж дека земјите членки на ЕУ ќе постигнат консензус за почеток на преговорите со нив по Кластерот еден на есен.
(сп/са Фото: ЕБС Извор: МИА)