Знаејќи ја моќта на историјата во креирањето на иднината, решив повторно навреме да ви напишам еден пример за тоа кој и како се гради држава. Од бројните примери што можев да ви ги наведам, сепак се решив за американската приказна бидејќи односот на македонските граѓани кон САД може да се спореди со религија во која безрезервно се верува. Но, како дошло до тоа САД да бидат тоа што се?
Пресуден за развојот на американската држава бил 19. век, бидејќи тогаш започнал најбрзиот индустриски развој, а со тоа и беспоштедната борба меѓу магнатите за доминација над американските ресурси, а со тоа и освојување на пазарот. Според личниот ангажман и влијанието во американската државна политика во 19. век најзначајни биле имињата на четворица моделирачи на САД. Заедничко за сите нив било што секој заработен долар гледале да го помножат со 10, па со 20, не обрнувајќи внимание на животот на работниците кои реално ги заработувале доларите, а така станувале неприкосновени монополисти во американското општество, секој во својот бизнис.
Џон Дејвисон Рокфелер (8 јули 1839 – 23 мај 1937) бил американски индустријалец и филантроп. Ја развивал нафтената индустрија и ја дефинирал современата филантропија. Во 1870 година, ја основал претпријатието „Стандард Оил“ и го водел сè до своето пензионирање во 1897 година. Неговата компанија Стандард Оил била основана во Охајо во 1870 година. Со оглед на зголемувањето на побарувачката за керозин и бензин за потребите на индустријата, богатството на Рокфелер,значајно се зголемило и тој станал најбогатиот човек во светот. Нејзиниот монопол на американскиот пазар бил прекинат од страна на Владата во 1901 година, која компанијата ја поделила на неколку помали како компаниите Амоко, Шеврон Коноко и Ексон Мобил. Откако седиштето на компанијата Стандард Оил го префрлил на Менхетен, Рокфелер станал централна фигура на заедницата во Њујорк.
Ендрју Карнеги (25 ноември 1835 – 11 август 1919) бил шкотско-американски индустријалец кој ја предводел огромната експанзија на американската индустрија за челик на крајот на 19 век и станал еден од најбогатите Американци во историјата. Најголемиот дел од своето богатство го остварил со продажба на компанијата Карнеги Стил Компани на ЈП Морган за 480 милиони долари во 1901 година, што е нето еквивалент на денешните 310 милијарди долари. Неговите начела според кои се водел, станале дел од многу програми на идните американски бизнисмени. Според Карнеги основата на успехот се состоела во тоа да се направи план за акција и започнете веднаш да се работи на него; да се биде во врска и да се соработува со луѓе кои го поседуваат тоа што вие го немате; да се надминеме себеси со работење повеќе отколку што мораме; да се има целосна верба во себе; да се има позитивент став што овозможува да се освои почитувањето од другите.
Корнелиус Вандербилт (27 мај 1794 – 4 јануари 1877). На 11-годишна возраст почнал да му помага на својот татко, кој работел како бродар во пристаништето Њујорк. Пет години подоцна, со заем од 100 долари од неговата мајка, тој го купил својот брод и превезувал патници меѓу Стејтен Ајленд и Менхетен, а набрзо создал флота од мали бродови. Корнелиус Вандербилт бил американски претприемач со холандско потекло. Во животот заработувал преку претприемничка дејност во водениот и железничкиот транспорт. Корнелиус Вандербилт, американски индустријалец и филантроп.
Џон Пиерпонт Морган (17 април 1837 – 31 март 1913) бил американски финансиер и инвестициски банкар кој доминирал со корпоративните финансии на Волстрит во текот на позлатеното доба и прогресивната ера. Како шеф на банкарската фирма која на крајот стана позната како J.P. Morgan and Co., тој бил движечка сила зад бранот на индустриска консолидација во Соединетите држави на почетокот на дваесеттиот век.
Овие четворица магнати кон крајот на 19. век се обидувале да ја креираат политиката во САД. На тој начин, секој во својата работа останувал неприкосновен и можел дополнително да го зголемува богатството.
Во екот на кампањата за претседател во 1896 година, демократот Вилијам Џенингс Брајан наговестувал дека ќе ги разбие монополите, а со тоа ќе овозможи конкуренција во работата на магнатите. Таквата реторика внела голема вознемиреност кај четворицата недопирливи индустријалци, кои решиле да вложат сериозни пари во пропагирање на „свој“ човек за претседател на САД. Во тоа време човек по нивна мерка бил Макинли.
Вилијам Макинли (29 јануари 1843 – 14 септември 1901) бил 25-тиот претседател на САД. Како кандидат на Републиканците, со силна финансиска помош на магнатите, успеал да победи на изборите во 1896 год. и да седне на претседателското столче во САД. Како човек на големите индустријалци, Макинли морал да ги прифаќа сите барања на негоците спонзори, што било во спротивност на интересите на американскиот народ. Четири години подоцна, во 1900 год. на претседателските избори. повторно со огромна финансиска помош од магнатите Макинли бил реизбран за претседател.
Од друга страна, тоа бил период кога американските граѓани се соочувале со безработица, мали плати за многучасовна работа, што резултирало со големо незадоволство кај народот. Во таква ситуација, претседателот Макинли бил застрелан од Леон Чолгош на 6 септември 1901 год., а починал на 14 септември од компликации од инфицирана рана.
Леон Чолгош (5 мај 1873 – 29 октомври 1901) бил американски работник и анархист, кој бил фатен при извршувањето на атентатот врз Макинли, бил суден, осуден и погубен на 29 октомври 1901 година во државата Њујорк.
После куршумот со кој бил убиен Макинли, ништо во САД не било исто како пред тоа.
На претседателското столче во САД дошол заменик – претседателот Теодор Рузвелт (27 октомври 1858 – 6 јнуари 1919), кој бил 26. претседател на САД, со мандат во периодот од 1901 до 1909 година. Рузвелт, бил на 42-годишна возраст и станал најмладиот претседател во историјата на САД, со искуство во повеќе служби на градско, државно и федерално ниво. Широк бил неговиот дијапазон на интерес, а неговите достигнувања како природонаучник, истражувач, ловец, автор и војник само ја доплнувале неговата популарност. За разлика од Макинли, Рузвелт не им должел ништо на магнатите и немал никаква обврска да ги штити нивните интереси. Напротив, бил иницијатор на закони со кои предизвикал борба против магнатите и монополизмот на бизнисите. Отворениот судир меѓу Рузвелт и магнатите довеле до тоа да се водат и бројни судски спорови меѓу претседателот и, дотогаш недопирливите богаташи. Неговите настојувања секој граѓанин да добие заслужена сума за својата работа станала многу популарна, поради што, меѓу другото, ги добил и сите судски спорови со магнатите. Рузвелт бил првиот Американец кој добил Нобелова награда, а запаметен е како водач на прогресивните движења, кој себеси се нарекувал „ каубој“. Бил водач на Републиканската партија, а во 1912 година основал своја т.н. Прогресивната партија, која по неговата прерана смрт немала значајни активности.
Ете, така еден куршум придонел да се смени иднината на САД и американските држави да станат поле за натпревар на сите кои имале идеи за иновирање на нови бизниси со што се збогатувал економскиот пазар, а со тоа се зголемувал и просперитетот на граѓаните.
Сигурно се прашувате која е поуката од ова писание за историјта на САД од 19. век, во македонското совремие во 21. век. И македонската држава е изборена со куршуми во Илинденското востание и годините пред АСНОМ, ама денес е време за изборно востание со оружје во вид на кругче. Се наоѓаме во предизборен период за претседател на Република Македонија, како и за народни претставници во македонското Собрание. Имајќи го предвид фактот дека нашиот единствен демоктарски куршум е кругчето околу бројот на кандидатите за претседател и кругчето околу бројот на партијата со список на кандидатите за народни претставници во македонското Собрание, чинам време е да помислиме дека треба да го промениме ставот за заокружување околу бројчињата на оние кои со децении им должат и им се оддолжуваат на „магнатите“ во Македонија.
ЗНАМ дека и вам, како и мене, ви е смачено да ја гледате државата на патеката кон амбисот.
ЗНАМ дека се срамите од себе кога немате пари да купите основни производи за дома.
Но денес, исто така, ЗНАМ дека имате историска можност да го употребите своето кругче за подобрување на својот живот. Не пропуштајте ја можноста со своето оружје да ја смените иднината на македонската држава.
Post Views:
102
Извор : vesnik-ilinden.com
https://vesnik-ilinden.com/kolumna-na-prof-d-r-katerina-todoroska-kurshumot-koj-ja-modelirashe-amerika/