Серијалот истражувачки приказни за јавните набавки во енергетскиот сектор, презентирани во емисијата КОД, ја освоија првата новинарска награда „Никола Младенов“, доделена од Македонскиот институт за медиуми.
Како второ рангирана најдобра истражувачка сторија на конкурсот беше одбран серијалот текстови за Државна Лотарија, објавени на Радио Слободна Европа од новинарот Петар Клинчарски.
Третото признание го доби Истражувачката репортерска лабораторија за истражувањето „Украдени животи“.
Признанието за најиновативен новинарски производ годинава го подели тимот на ИРЛ за новинарскиот проект мобилна редакција Кичево и тимот на КОД за видео приказната посветена на грабнувањето и убиството на малата Вања. “Наградата најиновативен новинарски производ годинава ја подели тимот на ИРЛ за новинарскиот проект мобилна редакција Кичево и тимот на КОД за видео сторијата посветена на грабнувањето и убиството на малата Вања.”
Наградата за најдобра репортерска фотографија заврши во рацете на фотографот Ѓорѓи Личовски, за фотографијата „Ловец на Метеори“.
Беа врачени и неколку пофалници за извонреден ангажман на новинарите Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, Александар Методијев и Сузана Мицева.
Годинава на конкурсот пристигнаа 36 стории за најдобра истражувачка сторија, пет теми во категоријата најиновативен новинарски производ и 16 фотографии во категоријата најдобра репортерска фотографија.
Жири комисијата беше составена од Милка Смилевска, Емилија Петревска Камењарова, Синиша Станковиќ, Бесим Небиу и Билјана Петковска.
На добитниците им беше доделен сертификат и паричен надоместок од 60,000 денари поединечно за првонаградените во сите три категории, 40,000 денари за второнаградената и 20,000 денари за третонаградената истражувачка сторија.
Никола Младенов, сопственик и главен уредник на неделникот „Фокус“, кој беше сметан за еден од најистакнатите новинари во Македонија, загина во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, ноќта на 26 март 2013 година.
Македонскиот институт за медиуми одлучи во негова чест да ја именува наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, која се доделува од 2001 година, да го носи името Награда за најдобра истражувачка сторија на годината „Никола Младенов“.
ар/бт/ .
Извор: МИА