Table of Contents
Со младата пејачка разговаравме за музиката, идните планови, значењето на малите ритуали и нештата што ја прават најсреќна…
Сигурно веќе сте прочитале некаде дека музиката може да влијае врз тоа како се чувствуваме. Бавните, емотивни балади предизвикуваат меланхолично расположение, додека динамичните песни со брз и заразен ритам нè полнат со енергија и ни даваат елан. Последната песна на Јана Спирковска, „Сè е возможно“, спаѓа во вторите:
„Пораката што сакам да им ја пренесам на слушателите е секогаш да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат од тоа што најмногу ги исполнува. И најважно, да не заборават дека со позитивна мисла, упорност и постојано вложување во себе – сè е возможно“, порачува младата пејачка, која слуша секаква музика, но претпочита песни со брз ритам за добро расположение.
Покрај музиката, и малите утрински ритуали ѝ помагаат да го започне денот ведра и подготвена за сите предизвици што ја очекуваат:
„Денот секогаш го почнувам со чаша вода и музика. Потоа, си ги приготвувам мојот појадок и моето прво кафе. Најчесто вежбам претпладне, бидејќи тренингот ми дава енергија за целиот ден. Со оглед на тоа што навечер претежно имам свирки, практикувам да ги завршам сите други обврски преку ден“.
Во човечката природа ни е секогаш да се стремиме кон повеќе, но Јана е задоволна од повеќето работи во својот живот и благодарна е, пред сè, за своето здравје и за здравјето на нејзините најблиски.
„Секогаш кога ќе помислам дека не сум сосема задоволна од некои работи, се потсетувам на тоа што го имам поминато досега. Единственото нешто што би можела да го издвојам како голем предизвик и желба е да имам свој солистички концерт некогаш“, открива нашата соговорничка.
Распродадените концерти се сон на секој музички артист, а сигурни сме дека Јана еден ќе си го оствари. Дотогаш со нетрпение ја очекуваме нејзината следна авторска песна!
Поврзани објави
ЈАНА НЕ МОЖЕ БЕЗ:
Нејзиното семејство и блиските луѓе
Музика
Нејзиното домашно милениче
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES