Иако аутизмот најчесто се открива во детството, возможно е да се открие и кога ќе пораснеме
Аутизам е невролошка состојба која најчесто се открива во детството, обично во првите две години од животот, кога симптомите почнуваат да се манифестираат. Но многу луѓе не добиваат официјална дијагноза во тој период. Некои сфаќаат дека имаат нарушување од спектарот на аутизмот дури како возрасни, додека други може и никогаш да не бидат формално дијагностицирани.
Таква е приказната на Ана, жена која ја споделила својата животна исповед на социјалната мрежа ТикТок и бројни реакции.
„Поздрав до сите. Јас сум Ана и на мојот 37. роденден дознав дека имам аутизам“, вака таа ја започнала својата емотивна приказна.
Ана отворено зборувала за предизвиците со кои се соочувала, без да биде свесна дека тие се последица на аутизам.
„Аутизмот е комплицирана состојба, особено ако сте жена. Не изгледам аутистично, релативна сум функционална и на прв поглед немам големи тешкотии. Но вистината е дека ги имам многу и голем дел од мојата животна енергија ја трошам на тоа да ги компензирам или сокријам. Ова е приказна што сакам да ја споделам како жена“, рекла Ана.
Експертите истакнуваат дека доцната дијагноза на аутизам е особено честа меѓу жените. Една од причините за тоа е фактот што жените честопати се поспособни да ги имитираат општествените норми и конвенции и успешно ги маскираат своите тешкотии. Ана го потврдила тоа со своето искуство:
Поврзани објави
„Поретко ги дијагностицираат аутистичните девојчиња од момчињата, и тоа е факт. Аутизмот долго важел за нарушување што се појавува кај момчењата, додека девојчиња поуспешно ги криеле своите различности и тешкотии. Дали навистина се поспособни за тоа или само се под поголем притисок да се приспособат е прашање на кое секој има свој одговор“, објаснила Ана.
Додала дека животот со недијагностициран аутизам може да остави сериозни последици врз здравјето:
„Невродивергентните жени кои не се дијагностицирани, се поподложни на разни физички и ментални болести. Тоа константно компензирање е како кула од карти која еднаш мора да се сруши. Мојата кула од карти почна да се руши пред речиси три години и сега можам да кажам дека ми е драго поради тоа. Денес живеам живот во кој си дозволувам да бидам поинаква, но своја“, искрено признала Ана.
„Кога му раскажав на психијатарот какви стравови имам, дека се чувствувам непријатно во друштво, дека често имам потреба да бидам во својот свет, како и тоа дека кога ќе ни дојдат гости, се изолирам и одам во соба на лента за трчање, рече дека сѐ му е јасно.“
На крајот, Ана изразила надеж дека нејзината приказна ќе придонесе за тоа подобро да се разбере аутизмот, особено меѓу жените.
„Мојата приказна е приказна на многу жени и знам дека не сум сама. Се надевам на општество во кое невродивергентните девојчиња ќе растат знаејќи дека не се сами и дека во ред е да бидат поинакви“, заклучила таа.
ФОТО: Dmitry Schemelev / Unsplash