На покана на германскиот канцелар Олаф Шолц, македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска и утре се наоѓа во официјална посета на Германија. Ковачевски официјалната средбата со Олаф ќе ја има вечерва, која е предвидено да започне со официјален пречек на македонската делегација во која се наоѓаат и вицепремиерот Бојан Маричиќ и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Билатералните односи и соработка меѓу Македонија и Германија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, ќе бидат во фокусот на разговорите меѓу двете делегации, но и германската поддршка на македонското евроинтегрирање, особено реформите кои треба да ги исполни Македонија за да ги исполни европските стaндарди.
Меѓу другите теми за кои ќе разговараат македонската и германската делегација се и безбеднoсниот аспект како во европски, така и во регионален контекст на Западен Балкан.
Ковачевски во рамки на официјалната посета на Германија ќе учествува на експертска дискусија во организација на фондацијата Фридрих Еберт, ќе има средба со претставници на здруженија на македонски иселеници во Берлин, а ќе има работна средба и со главниот извршен директор на Дојче Телеком.
Посетата на Германија на македонскиот премиер доаѓа на две недели откако германскиот Бундестаг ја донесе резолуцијата за признавање на македонскиот јазик, култура, идентитет.
.