Еве како сите би требало да се однесуваме овие денови, особено на социјалните мрежи
По повод трагедијата во дискотеката во Кочани, каде што во пожар загинаа 59 луѓе и повеќе од 150 млади лица се здобија со тешки повреди, во нашата држава се прогласија 7 дена на жалост.
Според законот, денови на жалост се прогласуваат по особено тешка несреќа чии последици се смрт, повреда или тешко оштетување на здравјето на поголем број луѓе, или во случај на смрт на висок државен функционер. Ден на жалост може да се прогласи и во случај на смрт на човек кој дал голем придонес за земјата, како и по повод на некој особено трагичен настан, по проценка на Владата.
Во овој случај, прогласени се 7 дена на жалост почнувајќи од 16. март на полноќ до 23. март. Еве што значи тоа:
- Во следните седум дена, нема да одржуваат културни манифестации и настани.
- Знамињата во сите институции ќе бидат на половина копје.
- Радиодифузерите ќе мора да ја приспособат програмата, така што музиката да биде од жанрови соодветни за денови на жалост. На радијата ќе се емитува само сериозна музика. До завршувањето на деновите на жалост радиодуфизерите се ослободени од обврската за емитување одреден процент домашна музика.
- Телевизиите не смеат да емитуваат филмови од хумористичен карактер. Забранети се хумористични емисии.
- Се откажуваат и сите театарски претстави, кино-проекции, концерти, а откажани се и сите домашни спортски настани. Забранети се сите настани на јавни места.
Со оглед на тоа што голем дел од активностите денес се префрлени на социјалните мрежи, постои одреден кодекс на однесување што треба да се почитува и на платформите како што се Фејсбук и Инстаграм.
Доколку имате бизнис на социјалните мрежи, имајте ги предвид следниве правила на однесување:
Поврзани објави
- Споделете објави во кои изразувате сочувство за настанатата трагедија на сите ваши бизнис-профили на социјалните мрежи.
- Паузирајте ги сите други активности на социјалните мрежи. Не споделувајте објави што не се во согласност со националното расположение.
- Паузирајте ги сите промоции, кампањи и спонзорирани објави кои не се соодветни во дадените околности.
- Не пуштајте музика – дозволена е само класична музика.
- Прегледајте ги сите деловни соопштенија што сте сакале да ги направите за време на деновите на жалост и размислете дали би било подобро да ги одложите.
Покрај сето ова, Марија Лозаноска, на Инстаграм позната како lektorkata, апелира како сите би требало да се однесуваме овие денови, особено на социјалните мрежи:
- Овие денови воздржете се од објавување забавна содржина како дружби во ресторани или смешни објави.
- Дозволена е класична музика за време на вакви денови, но бидејќи настрадаа и музичари со авторска музика, во ред е да се објави таа за нивна почит.
- Внимавајте какви вести ширите, моментално јавноста е чувствителна. Проверете дали релевантните медиуми ја имаат потврдено веста и дури тогаш споделете. Во овој настан последниот збор за веста (настрадани и сл.) ја даваат моменталните претставници од Владата чиишто информации ги пренесуваат преку медиумите.
- Апсолутно немате обврска да споделувате и внимавајте колку споделувате. Доколку сметате дека за некоја вест е доволно споделено (сместување, барање исчезнати, донирање), не правете дополнителна гужва на социјалните мрежи затоа што веќе има премногу податоци коишто јавноста не може да ги прими.
- Во ред е да искажете сочувство на ваш начин и гледајте тоа да биде поконцизно затоа што тагата веќе е преголема за да гледаме уште поголема тага. Да оставиме простор за оние што се директно погодени, а ние да бидеме само наоколу знаејќи дека сме тука да помогнеме.
- Не напаѓајте на објави и коментари, воздржете се. Има премногу шпекулации и да не коментираме нешто што не знаеме. Сè уште трагедијата е во рана фаза за да се знае што и како било, ќе излезе сè на виделина, сега најпотребна е човечност и да останеме свесни.
- Доколку видите луѓе што се скршени во својата тага, оставете ги, нека оттагуваат, нека викаат, нека им излезе. Протестите на младите поддржете ги, тие се најпогодени, гневни се и бунтовни, но насочете ги на правилно протестирање. Доволно е да ставите лајк, краток коментар за поддршка, споделување без продлабочување.
На крајот, Марија ја заокружи својата објава со следниве зборови:
„ Скршени сме сите од болка и сметам дека ова е најмалку што можам да апелирам. Никого не сакам да напаѓам, но и сакам да поддржам во тага и болка.
Да бидеме разумни за да не потонеме во колективна тага. Во овој момент медиумската писменост е многу важна.
Сочувство.“