Почетна Убавина и здравјеКаде на одмор? Ако немаш план за летово, веројатно се чувствуваш како да си потфрлил во животот…

Каде на одмор? Ако немаш план за летово, веројатно се чувствуваш како да си потфрлил во животот…

од nenad
3 минути читај за

Ако одговориш никаде, добиваш неколку тивки погледи и едно полусочувствително „па, и дома е убаво“

Јули е. А тоа подразбира мирис на липи во главниот град, неподносливо високи температури, долги денови, испразнети улици и неизбежното прашање: „каде на одмор?“. И тоа сите го поставуваат со сериозен тон како да те прашуваат „каде ќе се оперираш“ – што значи дека не е баш опционално. Ако одговориш никаде, добиваш неколку тивки погледи и едно полусочувствително „па, и дома е убаво“. Која и да е причината зошто не планираш да одиш некаде летово, одеднаш се чувствуваш како да си направил нешто погрешно, небаре одењето на одмор е репер за тоа дали си успеал во животот. Не затоа што ти така мислиш, туку затоа што некој некогаш во минатото одлучил што е „нормално“.

Па, ајде да видиме што е „нормално“ според мнозинството

Општоприфатена дефиниција за летен одмор е седум до десет дена патување некаде на море, најчесто во соседните држави и рутина што изгледа отприлика вака: плажа – ручек – пладневна дремка – плажа – вечерна прошетка – вечера. Немојте да ме сфатите погрешно, тука нема ништо лошо, и оваа летна шема апсолутно е потребна за да се пушти мозокот на пасење, но не ви се чини малку наметната? Како да МОРА така да изгледа еден одмор, како да МОРА секој човек да отиде на тој одмор за да се рехабилитира од секојдневниот хаос, инаку нема да може да функционира.

Општеството има тенденција да ја наметнува својата чек-листа на сите животни полиња. Прво, завршуваш факултет и веднаш те прашуваат „кога ќе најдеш работа“. Откако ќе го штиклираш ова квадратче, следува бракот. Не љубовта – бракот. Па дете. Па второ дете. Па летување со целото семејство, на кредит. И никој не те прашува дали тоа ќе те направи среќен, дали воопшто го посакуваш сето тоа. Важно е да се штиклираат сите квадратчиња од животната чек-листа на општеството.

Секое прескокнување на некое од предодредените квадратчиња се смета за девијација. А можеби не си девијација, можеби само не сакаш да живееш според туѓите очекувања. И вистината е дека повеќето луѓе не сакаат да живеат така. Не сакаат да заглават на монотона работа од 9 до 17. Не сакаат брак и деца по секоја цена и не сакаат да фрлат непотребно многу пари за да се сместат во лош апартман, да се печат на сонце по цели денови и да се борат со заглавениот песок во облеката. Ама така треба. Тоа е нормално.

Големите очекувања


Поврзани објави

Проблемот со очекувањата е што немаат крај! Секој чекор што ќе го направиш, отвора ново „што потоа“. Секогаш ќе има некој што ќе ти каже дека нешто ти недостасува, дури и кога си комплетно задоволен со својот живот. Ако не се пронаоѓаш во оваа рамка, колку повеќе квадратчиња исполнуваш, толку попразно се чувствуваш. Како игра во која не може да се победи. Секогаш има ново ниво и никој не знае која е главната цел, ама сите трчаат кон неа како да знаат.

Не велам дека треба да се ослободиме од сите очекувања и да живееме како отпадници од општеството кои се бунтуваат без причина. Некои од тие очекувања ни даваат структура, но лошо е кога животот се сведува на чек-листа а не на личен пат. Ако не се запрашаме чии се тие чекори што ги броиме, можеби ќе стигнеме далеку, но не и таму каде што сакаме да бидеме.

Само МОЈА дефиниција за совршен одмор

Мојата дефиниција за одмор ова лето е само еден безгрижен ден, без ниту една обврска на светот. Ден поминат со музика, творење, неограничено читање книги и гледање филмови. Ден што ќе го поминам правејќи го тоа што го сакам, а не тоа што треба да го правам. Ден во којшто сум автентично своја, слободна, исполнета, спокојна и максимално задоволна од своите лични избори и одлуки. Не ми требаат 10 дена одмор. Доволно е само еден таков ден, совршен за мене.

Па ако не одиш никаде летово, не го сфаќај тоа како личен пораз. Можеби токму дома ќе сфатиш дека нема каде да одиш, бидејќи веќе си стигнал таму каде што треба да бидеш.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES