Стратешки значајниот Ормуски Проток ќе биде недостапен за пловидба додека Соединетите Американски Држави не ги задоволат сите барања од привремениот договор постигнат со Иран во јуни, соопшти главниот ирански преговарач Мохамад Бакер Калибаф во својот говор пред иранскиот парламент.
Калибаф појасни дека условите поставени од Техеран вклучуваат целосно укинување на американската блокада на иранските пристаништа, прекин на сите санкции поврзани со извозот на иранска нафта, одмрзнување и ослободување на иранските финансиски средства, како и непосредно запирање на сите закани и воени акции на сите фронтови.
Меморандумот за разбирање, кој беше потпишан на 17 јуни со предвидена временска рамка од 60 дена и можност за продолжување, имаше за цел да го отвори патот за преговори за пообемно споразумение во врска со иранската нуклеарна програма и другите отворени прашања.
Сепак, договорот брзо се сруши поради длабокиот спор околу контролата врз Ормускиот Проток — клучна морска артерија преку која, пред избувнувањето на воениот конфликт, се одвиваше околу една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.
По засилувањето на несогласувањата, американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јули објави дека договорот „е завршен“, по што иранското Министерство за надворешни работи една недела подоцна официјално го прогласи Меморандумот за „суспендиран“.
Висок ирански функционер вчера предупреди дека Иран ќе пристапи кон „целосно офанзивни потези“ поради целосниот застој во дипломатските напори за ставање крај на долготрајниот воен конфликт.
ссм/
фото: архива
Извор: МИА