Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е домаќин на првата дводневна работилница (хакатон) каде што средношколци и наставници од регионалните центри за стручно образование и обука, под водство на професори и студенти од факултетот, развиваат деловни планови за основање вистински училишни претпријатија во рамките на овие образовни институции.
Ваквите училишни претпријатија придонесуваат кон зголемување на практичните можности за учениците, негување на нивните претприемачки и деловни компетенции, како и подобра подготовка за брзо и успешно интегрирање во економијата.
Овие компании генерираат дополнителни приходи за училиштата преку правно регулирани комерцијални активности. Овие приходи се значајни за обезбедување на одржлив развој на самите училишта, бидејќи истите можат да бидат реинвестирани за понатамошен раст и напредок.
Министерката за образование, Весна Јаневска, на отворањето на хакатонот истакна дека врз основа на изработените деловни планови, ќе можат да се отворат вистински претпријатија во седумте регионални центри за стручно образование низ земјава, што е предвидено со новиот Закон за стручно образование и обука.
“Тоа е значајно бидејќи учениците ќе имаат повеќе можности за практична настава, а училиштата ќе можат да ја реализираат идејата за пласирање на производите што тие би ги создале. Учениците ќе можат да научат како да се вклучат на реалниот пазар во стопанството, а уште поважно, самите училишта ќе станат самоодржливи”, изјави министерката Јаневска.
Моментално постојат седум регионални центри за средно стручно образование во државата, а до крајот на 2027 година ќе биде отворен и осмиот, последниот, кој ќе биде лоциран во Скопје.
Јаневска нагласи дека регионалните центри покажуваат интерес за оваа иницијатива, од која имаат големи ползи, истакнувајќи дека се забележува напредок како на училиштата, така и на учениците.
“Во меѓувреме, ги опремуваме седумте центри; четири се комплетно опремени и сите се функционални. Сепак, ќе бидат потребни и мали реконструкции и дополнително опремување за да можеме во иднина да се пофалиме дека тие ќе станат центри на извонредност”, додаде министерката.
Деканот на Економскиот факултет, Мијалче Санта, изјави дека настанот, организиран во соработка со МОН и средните училишта во земјава, ќе демонстрира како преку институционална соработка може да се создаде дополнителна вредност и да се придонесе кон унапредувањето на образованието на сите нивоа.
“Економскиот факултет, како водечка институција за економско и бизнис образование во земјава, има општествена одговорност да даде активен придонес каде и да може, со цел да овозможи што е можно поголемо унапредување на образовните процеси и примена на практични искуства во образованието во државата”, рече проф. Санта.
Директори на регионалните центри, наставници и ученици, присутни на работилницата, учат како да изработат деловен план со кој ќе се прошири дејноста на училиштата, во согласност со Законот за стручно образование и обука. Се очекува првите вистински училишни претпријатија да бидат основани во текот на идната година.