Во периодот од 1 ноември до денес се реализирани над 55 инспекциски надзори низ целата територија на државата, насочени кон индустриски објекти што имаат влијание врз квалитетот на воздухот преку емисии, извести директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска. Издадени се 20 решенија и три забрани за работа.
Во однос на правниот субјект „Титан Цементарница Усје“, Гиновска информира дека во 2025 година биле извршени шест инспекциски надзори, од кои два беа рутински, а четири вонредни, спроведени од различни државни инспектори.
Последните вонредни проверки се одржаа на 18 ноември 2025 година во 22 часот, со учество на инспектор за животна средина од Град Скопје, и на 18 декември 2025 година, со инспектор за животна средина од општина Кисела Вода.
„Како што беше констатирано, при сите спроведени надзори не се утврдени никакви недоследности во работењето на овој правен субјект“, изјави Гиновска.
Таа нагласи дека инспекциските надзори ќе продолжат континуирано, а на секои 15 дена Државниот инспекторат доставува извештај до работната група, формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, која го следи спроведувањето на Акцискиот план.
Таа истакна дека Државниот инспекторат за животна средина дејствува согласно годишниот план за работа, кој е одобрен од страна на министерот за животна средина и просторно планирање.
Извор: МИА