Дваесетина нови случаи со внатрешни изгореници и труење со јаглероден моноксид упатени на лекување во Скопје
По катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, здравствените власти известуваат за зголемен број пациенти кои ден по настанот побарале медицинска помош поради респираторни проблеми предизвикани од вдишување на чад. Според здравствениот кризен штаб, околу дваесетина лица од Кочани и Штип, кои првпат побарале лекарска помош, се испраќаат на понатамошно лекување во Скопје. Повеќето од овие пациенти имаат внатрешни изгореници на дишните патишта и симптоми на труење со јаглероден моноксид.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, апелираше до сите кои биле присутни во клубот за време на трагедијата, а сè уште не побарале медицинска помош, веднаш да се јават на лекар за да се избегне потенцијално влошување на нивната здравствена состојба. Тој истакна дека се појавува нов проблем со пациенти кои не се јавиле веднаш по настанот, но ден подоцна почувствувале симптоми.
Ги молам сите кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, денеска да се пријават“, рече Таравари.
Поврзани објави
Во меѓувреме, состојбата на повредените кои беа хоспитализирани веднаш по пожарот е стабилна и под контрола. Сите пациенти од болниците во Кочани и Штип се пренесени во Скопје, каде што ќе продолжат со лекување.
Дополнително, во земјата пристигнаа и лекари специјалисти од Србија, Чешка и Израел, кои ќе им помагаат на македонските медицински тимови во третманот на повредените.
Почната е и обдукцијата на телата на починатите во трагедијата, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Фото: принтскрин – Јутјуб – Сител Телевизија