Денеска ќе се одбележи 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи пoд мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе“. Организирањето е под покровителство на Владата, а втори учесници се Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот.
Одбележувањето започнува со поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако, а обраќањата ќе ги имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство Израел- Македонија, Хамад Амар, како и на Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот Еврејски Конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава.
Во овој период, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на неколку сообраќајници во градот. Одбележувањето ќе продолжи на Градските гробишта Бутел каде ќе биде положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.
Вечерва, во Националната опера и балет, планиран е комеморативен концерт на кој ќе се обратат премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Израел, Симона Франкел, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер.
