Почетна ЕкономијаЖенски Економски Форум: Финансиска едукација за личен и општествен раст и развој

Женски Економски Форум: Финансиска едукација за личен и општествен раст и развој

од nenad
2 минути читај за

Учесниците на денешниот трет Женски Економски Форум, кој се одржа во Скопје, сметаат дека е неопходно понатамошно унапредување на финансиската писменост кај младите преку наставни и воннаставни активности. Целта е тие да бидат способни да имаат квалитетен живот, да го планираат својот буџет и финансии и мудро да ги употребуваат достапните средства.

„Денеска на овој настан дискутираме за финансиското образование на младите луѓе што претставува услов за нивно идно квалитетно живеење, односно за планирање на сопствениот буџет и финансии, за користење на средствата кои им се на располагање и за добивање некакви предзнаења за економското работење“, беше истакнато на форумот.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека македонското образование во своите програми веќе содржи елементи на финансиско образование, како во основното така и во средното образование, преку задолжителни и изборни предмети. „Македонското образование во своите програми содржи елементи на финансико образование и во основно и во средно образование, преку обврзни и изборни предмети различно во основното и во средното образование, каде децата ги стекнуваат знаењата кои им се потребни на соодветно ниво на нивна возраст за натамношно работење или водење на сопствените финансии“, рече министерката Јаневска.

Таа додаде дека секој систем може да биде подобрен и дека Министерството, заедно со Бирото за образование, Народната банка, Македонската банкарска асоцијација и други институции, континуирано разменува информации и искуства за да го подобри и овој аспект во образовниот процес. „Според ОЕЦД финансикото образование и писменост и повисоките степени се инкорпорирани во многу предмети во образованието како математика, граѓанско општетсво, бизнис, претприемништво, иновации, но, секако постојат и посебни обврзни и изборни предмети во различни периоди на образованието. Она што дополнително би можело да се направи се дополнителни обуки, првенствено на наставниците, проектни задачи за учениците, работилници организирани со помош на стручни лица, разни воннаставни активности со што би се задоволиле потребите“, потенцираше министерката.

Ана Докоска, претседателка на здружението „Јас сум жена“, смета дека ваквите настани се одлична можност да се процени состојбата со финансиската писменост кај децата и младите, предизвиците со кои се соочуваат и можните решенија за надминување или подобрување. Таа додаде дека, покрај воннаставните активности, би било корисно во сите училишта да се воведе предмет за финансиска писменост. „Според нашите истражувања не сите училишта имаат предмет за финансиска писменост и преку вакви настани посакуваме да издејствуваме еден ден во сите да има предмет за финансиска писменост бидејќи финансиски едуцирано население придонесува кон општествен раст и развој“, изјави Докоска.

Форумот е организиран од „Јас Сум Жена“, „Global Shapers Skopje Hub“, Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД Штип и авторката на курс и планер за лично буџетирање „Мој Буџет“ – Јасмина Христовска, под покровителство на Општина Кисела Вода. Меѓу главните панелисти на форумот се министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска.

На тема сајбер ризици и заштита на личните податоци говореа Кристина Јовановска, Анастасија Ристовска, Марија Ѓоргиева и Василка Апостолска.