Едната со „Бисер балкански“, другиот со „Нема друга Македонија“ – нивните изведби на Денот на независноста повторно покажаа дека македонската песна не познава граници.
Македонскиот мелос повторно најде начин да ги премине границите, а овојпат во центарот на вниманието се најдоа две лица кои не се родени во Македонија. Емакулате Вандера Блажевска, позната како Ема, по потекло од Кенија, и колумбискиот музичар Јанко Богдан Пенјафорт Вилја, познат како Јанко Колумбиецот, со свои изведби му оддадоа посебна почит на Македонија по повод 8 Септември.
Ема, која веќе неколку години живее во Скопје и неодамна се пофали дека добила македонско државјанство, празникот го одбележа на свој начин. Од автомобилот сними видео во кое со многу емоција ја испеа „Бисер балкански“, а пораката што ја испрати беше јасна: Македонија за неа одамна не е само земјата во која живее.
Среќен роденден, Македонијо! Нека ни е вечна и слободна!“, порача таа.
Поврзани објави
Не помалку интересна е приказната од илјадници километри подалеку. Од Богота, Јанко заедно со својот бенд „ВардарАнди“ ја изведе „Нема друга Македонија“, песна која со години има посебно место меѓу македонските патриотски песни. Неговиот начин на интерпретација уште еднаш предизвика реакции кај македонската публика, особено затоа што доаѓа од музичар кој македонската народна музика ја прифатил како своја.
Јанко веќе има стекнато голема симпатија кај македонските љубители на музиката. Во повеќе наврати има изведувано македонски народни песни, а публиката го памети и по настапот на концертот на Влатко Миладиноски. Неговиот интерес за македонскиот музички израз одамна не изгледа како случајна авантура – напротив, тој постојано се враќа кон песните и ритмите од Македонија.
И токму затоа нивните настапи по повод 8 Септември имаат посебна тежина. Едната е од Кенија, другиот од Колумбија, но двајцата избраа македонска песна за да испратат честитка до земјата која им станала блиска. А по вакви изведби останува само едно прашање за публиката: колку лајкови заслужуваат Ема и Јанко?
printskrin